понедељак, 15. децембар 2014.

ДВИЖЕЊЕ И СИЛИ

Движење и сили

наставен предмет/ одделение

наставна тема
наставна содржина/ лекција

траење


наставник

Физика
VIII
Движење и сили
Тематско повторување

2 часa
Аида Петровска
ОУ "Димитар Миладинов"
Општина Центар - Скопје

Очекувани резултати:
Учениците:
- Решаваат проблемски ситуации, воопштуваат, извлекуваат заклучоци;
- Ги применуваат  знаењата при решавање на проблеми;
- Да умеат да демонстрираат воздушен притисок, зголемен притисок и вакум;
- Да умеат да создадат понизок притисок и да го споредат со секојдневието;
- Да откријат зошто некои тела пливаат, некои лебдат, а некои тонат;
- Да се уверат дека за секоја акција постои реакција;
- Да воочат од што зависи рамнотежата.

Потребни материјали и опрема за реализација:
- Функционален картон со насоки за изработка на апаратура, насоки за изведување на експеримент и прашалник за самооценување на работата на групата ( прилог 1);
- Потсетник за групна работа за секоја група (прилог 2);
- Евидентен лист за наставникот – за утврдување на успешноста на час реализирана со решавање проблеми (прилог 3);
- Најлонски кеси, гумени ракавици, пластични шишиња, стаклени тегли, рибарски  конец, конзерви, плинско решо, изџвакана мастика, цевки за сок, кибрит, картончиња и др.

Активности и насоки од претходниот час:
- На учениците им беше најавено дека наредните 2 часа ќе работат на проблемски  задачи за откривање на дејството на силите, атмосферски притисок, потисок и рамнотежа (тема Движење и сили);
- Учениците добија задача да се потсетат на Њутновите закони, потисок во   течности  и гасови, рамнотежни положби на телата.

Активности на часот:
а) прв час:
- Учениците се делат на групи;
- На учениците им се поделува функционален картон (прилог 1) од каде се  
  запознаваат како да изработат апаратура која им е потребна за изведување на  експериментот.
- Учениците ги зимаат потребните материјали  и работат според упатство.
- Наставникот ја следи работата на групите, помага доколку е потребно и пополнува евидентен лист.
- Наставникот дава општа повратна информација за сработеното и најавува дека  наредниот  час секоја група  ќе презентира што сработила. Презентациите можат да бидат усни или  во вид на постер.
-  Го собираме отпадот, а изработките ги оставаме на соодветно место.
б) втор час:
- Учениците ги демонстрираат и презентираат своите трудови од претходниот час.
- Групите меѓусебно си ја разменуваат изработената апаратура и секоја група ги  изведува другите експерименти.
- Учениците ги пополнуваат евидентните листови.
- Наставникот го дополнува евидентниот лист.
- Ги враќаме материјалите и изработките на своето место и го собравме отпадот.

Посебни активности за учениците кои побрзо напредуваат:
 Ги следат активностите од секоја група, забележуваат, евидентираат и внесуваат на своите страници на “Thinkquest”(најголем некомерцијален светски програм за образование подржан од интернет), потоа  дебатираат, внесуваат фотографии од експериментот, шеми, донесуваат заклучоци и бараат мислења за сработеното од ученици и наставници од други училишта.


Забелешки и рефлексија од реализацијата на часот:
       

Прилози

ПРИЛОГ 1:

Функционален картон со прашалник за самооценување:

ГРУПА  - 1 -  СМАЧКАНА КОНЗЕРВА

ПРЕДУПРЕДВАЊЕ: Во овој експеимент користи готварска ракавица, или уште подобро, само набљудувај,  експериментот нека го изведе наставникот.

ЦЕЛ – Демонстрирање  на атмосферски притисок, разлика од притисоците и вакум.

Материјали и апарати:
- Празна конзерва од некој пијалок, плинско решо, плиток сад со вода.

Постапка:
- Во празна конзерва налеј 30 ml вода и загревај на плинско решо додека да зоврие.
- Остави ја да врие 20 – 30 ѕ.
- Подготви еден плиток сад со студена вода (длабочината на водата да биде 2 – 3 cm)
- Користи ја готварската ракавица или крпата за да не се изгориш и нурни ја конзервата во студената вода со отворот надолу.
а) Што се случило?
б) Што се случило со пареата во конзервата, кога конзервата се допрела со студената вода?
в) Зошто студената вода навлегла во конзервата?


ГРПА – 2 – СТРУЕЊЕ НА ВОЗДУХОТ

ЦЕЛ – Како струењето на воздухот создава низок притисок

Материјали и прибор:
- 2 картончиња,
- 2 моливи.

Постапка:
- Исечи 2 картончиња во правоаголна форма со димензии 7 cm X 10 cm (точноста во големинта не е важна),
- Картончињата свиткај ги околу молив, ќе заличат на авионско крило.
- Извитканите картончиња обеси ги слободно да висат на два моливи кои ќе ги држиш  во рацете паралелно еден до друг на растојание 3 – 4 cm.
- Кога картончињата ке се смират почни полека да дуваш меѓу нив. *Врз овој принцип се конструирани многу летала, на овој начин се однесуваат и гласните жици во нашето грло.
а) Што очекуваш да се случи додека дуваш?
б) Што се случи?
в) Како би ја објаснил оваа појава?
г) Каква последица има овој ефект врз покривите од куќите во случај на силен ветер?

ГРУПА 3 – НУРКАЧ

ЦЕЛ: Како можеш на едно тело да му ја менуваш тежината и да го видиш како плива, како лебди, како тоне.

Материјали и апарати:
- Дрвено стапче (шкорче кибрит),
- Гума за џвакање (изџвакана),
- Пластично шише од 2 l ,
- Чаша со вода.

Постапка:
- Од дрвено стапче и гума за џвакање направи пловка со густина малку помала од густината на водата.
- На едниот крај од стапчето налепи толку изџвакана гума, колку пловката да стои вертикално над површината на водата околу 1/8 од својата должина или помалку.
- Проверка дали одбравме доволно количество од гума за џвакање ќе направиме во  чаша со вода.
- Направената пловка стави ја во пластично шише претходно наполнето со вода и затвори го со затка.
- Стисни го шишето силно со рацете и почекај.
- Потоа пополека намалувај го стисокот.
а) Што се случува?
б) Може ли да објасниш зошто?
в) Кога едно тело плива, кога лебди, кога тоне?

ГРУПА 4 – АКЦИЈА И РЕАКЦИЈА

ЦЕЛ: Демонстрирање на акција и реакција

Материјли и апарати:
- Најлонски конец долг 5 – 6 m,
- балон,
- пластично цевче,
- пластично прстенче (алка).

Постапка:
- Врзи го конецот за закачалка или квака во учлницата.
- На отворот од балонот постави (залепи) цевка од сокче а на неа парченце од   цевка  или алка.
- Протни го конецот низ алката и твојата апаратра е подготвена за работа.
- Затегни го конецот .
- Преку цевката надувај го балонот и пушти го.
а) Што се случва?
б) Зошто е тоа така?
в) Познаваш ли уште некој пример кога телото се однесува вака?

ГРУПА 5 – ВОЛШЕБНО ЈАЈЦЕ

ЦЕЛ: Демонстрирање на зависноста на стабилноста  на телата од местоположба на  тежиштето

Материјали и апарати:
- Пластично јајце,
- малку сунѓер,
- тегче или навртка.

ПОСТАПКА:
- Обиди се, пластичното јајце да го поставиш да стои со еден од врвовите на маса.
- Отвори го јајцето, во него стави го тегчето или навртката, а останатиот простор  пополни го со сунѓерот.
- Затвори го јајцето  и повторно обиди се да го застојиш.
а) Што се лучува?
б) Во што се состои волшебноста на оваа јајце?
в) Дали досега си се сретнал со некое тело со вакви својства?
 
ЛИСТА ЗА САМООЦЕНУВАЊЕ       Име и презиме:_____________________
1. Какво беше твоето учество во решавањето на проблемот?
2. Што научи од оваа практично искуство?
3. Кои се твоите јаки страни во улогата што ја имаше превземено во 
    процесот на решавањето на проблемот?
4. Кои се твоите слаби страни?
5. Доколку имаше повеќе време што би направил поинаку и зошто?
6. Вреднувај ја твојата работа на часот со оценка од 1 до 5 и објасни зошто.

ПРИЛОГ - 2
ПОТСЕТНИК ЗА ГРУПНА РАБОТА ПРИ ПРОБЛЕМСКА СИТУАЦИЈА
СЕКОГАШ:
1. Пред да започнеме со решавање на здачата   проверуваме  
   дали сме ја  разбрале.
2. Се држиме до дадената задача што ни е дадена  од  
   наставникот.
3. Додека работиме, секој од групата дава свои предлози и 
   мислења.
4. Секој го слуша мислењето од другарите (го  сослушува).
5. Крајниот заклучок го даваме откако ќе направме анализа на  
   сите идеи и предлози дадени во  групата.
6. Додека работиме, имаме член од групата кој води белешки за 
   нашата дискусија и ја координира работата
7. Правилно ги распределуваме задачите во грпата.
8. Сите бележиме што ново научивме на овој час.