Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

петак, 27. фебруар 2015.

ЖИВИ ОРГАНИЗМИ И НИВНИ НЕДОИСТРАЖЕНИ ИНСТРУМЕНТИ

Атмосферскиот и хидростатичкиот притисок, геомагнетизмот, радијацијата, гравитацијата, електричното поле, температурните колебања, разни промени во животната средина придонесуваат кај живите организми да се развијат посебни органи кои им овозможуваат полесна прилагодливост и опстојување во животната средина. Функционирањето на овие органи е споредливо со функционирањето на инструментите кои ги среќаваме во современите лаборатории. Окото како оптички инструмент и увото како акустички инструмент се предмети на првите истражувања, како и локомоторните системи и вестибуларните апарати во зависност од видот на организмите.
Делфини
Научниците откриле дека еден вид делфини можат да комуницираат на начин сличен на човечкиот давајќи си имиња кои се идентификуваат со различни свирежи. Научниците од Шкотска откриле дека делфините ги препознаваат индивидуалните имиња дури и кога звукот е вештачки продуциран од човекот. Според ова истражување делфините се единствениот вид животни кои се повикуваат со имиња.

Кога ловат, тие испуштаат високофреквентни пискави звуци, а потоа, врз основа на ехото, анализираат и ја утврдуваат положбата на пленот. Со помош на системот за ехолокација, делфинот добива податоци за тоа дали станува збор за некаква препрека или за плен, но и за тоа каков е пленот – колку е голем, па дури и дали е исплашен.
Засега не е утврдено на кој начин делфинот испушта ваков звук, но тој веројатно поминува низ испапченото чело на овие морски цицачи. Овој дел од главата на делфинот функционира како „звучна леќа“, која го концентрира звукот во тенок зрак, кој делфинот го испраќа пред себе.
Ехото го „фаќа“ преку забите, а оттука звукот преку коските сè до чувствителниот дел од увото.

Лилјаците имаат интересен начин на ориентација во темен простор. Имено, тие се активни ноќно време кога летајќи натаму-наваму во темницата ловат инсекти.Тоа го прават врз принципот на  "ехолокација", имено, тие имаат способност да емитуваат различни ултразвучни импулсни тонови на фреквенции од окoлу 40 kHz до  100kHz, коишто се рефлектираат од предметите во просторот од опкружувањето. Лилјаците имаат многу изострено сетило за слух, па ги примаат рефлектираните фреквенции и со компарација меѓу емитуваните звуци и повратното ехо, нивниот мозок и слушниот нервен систем создаваат детална слика за објектите во нивното опкружување. На тој начин малите лилјаци го локализираат и го препознаваат својот плен во тотална темнина, нешто што не е својствено за големите лилјаци. Оние што читале за  "ехолокацијата" ќе го препознаат истиот принцип на кој радарот ги детектира оддалечените предмети, само што кај љиљаците процесот се одвива во ултразвучното фреквенто подрачје, а кај радарот во електромагнетско подрачје.  Не е познато како илјадници лилјаци во пештерите не си пречат едни на други, но се претпоставува дека поседуваат сопствени кодирани сигнали, поинакви од другите, слично како што се различни отпечатоците на прстите кај луѓето.
Некои видови пеперутки и муви имаат способност да емитуваат сигнали со иста фреквенција како и непријателот, со што го маскираат своето движење, непријателот го дезоријентираат и тој се повлекува.
Кај поикилотермни животни е развиен феноменот антифриз, за да издржат на температури до - 45˚С. 
На тој начин се заштитуваат од замрзнување и деградација со тоа што во нивните течности се излачуваат супстанци со особини на антифриз, а  штом настапат поволни временски услови ја започнуваат нивната нормална активност.
Змијата ѕвечарка е способна да регистрира температурна промена од илјадити дел од степенот. Тоа и дава можност прецизно да ја одреди положбата на пленот во отсуство на светлина, со помош на таканареченото термичко око. Тоа се наоѓа помеѓу очите и носот и претставува  шуплина со околу 500000 термички сензори со нервна структура. Со нив се регистрира концентрацијата на топлината од пленот.На истиот принцип работат термодетекторите, инструменти кои се сретнуваат во разни домени од научно - техничките дисциплини.
Скорпионот е отпорен на термичка агресија и дехидрација, а на радијација е сто пати поиздржлив од човекот.
Јастогот радиоактивните супстанции ги вградува во своите лушпести делови.
Црната лебарка е способна да ја види радијацијата, а одреден вид на мравки се чувствителни на радиоактивни трагови.
Оклопот на желката е една од полусовршените препреки за радиоактивното, а со тоа и на космичкото зрачење, со што некои научници ја објаснуваат нејзината долговечност.
Некои видови живи организми имаат способност да генерираат електрична енергија со напон и до неколку стотици волти.
Биолуминисценцијата што се сретнува кај инсети, лигњи, печурки, риби и сунѓери се појавува во три различни улоги: како одбрамбен механизам (силен блесок на светлина), за привлекување на жртви и како средство  за комуникација и распознавање.
Геомагнетизмот е од особена  важност при преселбата на птиците, како и за движењето на повеќе риби и инсекти.

Преселните птици при селидбата умеат да штедат енергија која им е потребна за нивните биопроцеси и механички активности.Тие се во состојба без одмор да прелетаат 4000 km. При овие патувања, бираат оптимална насока, висина и брзина. Секогаш полетуваат организирано и летаа во клинести формации. На тој начин заштедуваат до 23% од енергијата. Тоа се должи на создадените вртлози зад крилјата на секоја птица, при што нивната межусебна положба обезбедува вртлозите да им помогнат при нивното придвижување напред. Феноменот – преселба на птиците е карактеристичен и по времето на поажање и враќање, за чија точност е потребен биолошки часовник.

Одредени видови зглобарки умеат да дехидрираат за време на сушни периоди. Тогаш го запираат својот биолошки часовник, а се враќаат во нормална животна состојба со доаѓањето на дождливи периоди.