Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

петак, 22. март 2019.

“Светот на образованието ги брише границите”

Една книга, еден молив, едно дете и еден учител можат да го променат светот” – кажала Малала Јусуфзај ученик од Пакистан најмлад добитник на Нобеловата награда за мир. 

Јас би додала : Две учителки од просторите на некогашна Југославија (Жељана и Весела) можат да создадат асоцијација на најдобри наставници, со цел да се овозможи ефикасно обединување, вмрежување и соработка на сите ентузијасти кои се подготвени  да ја променат сликата на образованието и да го подигнат угледот на професијата наставник......

На сам ден Летник (или Ксантика) празникот  на љубовта, пролетта и природата се случи голем настан.
Асоцијацијата на најдобрите наставници на EX-YU ja организираше првата регионална конференција “Светот на образованието ги брише границите”. 

Ден 1, (1 март)  гостите од Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија го посетија Основното општинско училиште „Димитар Миладинов“, матичното училиште на Аида Петровска, еден од најдобрите македонски наставници каде се запознаа со формалното образование во Македонија.
Гостите се запознаа со нашите древни обичаи, беа пречекани со погача и сол и земаа учество во работилницата за изработка на мартинки за среќа и за крај заедно засадивме јасеново дрво во училишниот двор. 
Попладне го посетија ДКЦ Скопје каде се запознаа со неформалното образование и позитивните влијанија кои произлегуваат од него.


Вториот ден беше посетена Кинотеката на Македонија, каде присуствуваа на предавања и дебати на неколку интересни теми:

1. Предности кои произлегуваат од вмрежувањето на наставниците.

2. Социјалните мрежи и достапноста на примери на добра наставна пракса, инспирација или замка.

3. Ентузијазмот во образованието, предност или мана?

4. Лидерство во образованието за афирмација на наставничката професија.

По предавањата и дебатите, на 40 најдобри наставници од некогашните југословенски простори им се доделија плакети.


Најдобрите наставници  од Македонија се:
Добри Јовевски, Ѓорѓина Димова, Јадранка Клисарова, Маја Виденовиќ, Павлинка Вељановска, Соња Даниловска, Стојанка Дудучки, Светлана Јосифоска, Весна Гагаловска и Аида Петровска.

Најдобрите од Македонија им ја предадоа “ѕвездата на образование”
на своите колеги од Црна Гора кои во мај ќе бидат домаќини на следната средба за најдобри наставници во регионот.

Најдобрите наставници од Црна Гора се :

Душанка Вујичиќ,   Крсте Вуковиќ,  Љиљана Ражнатовиќ, Марина Андрејевиќ Петровиќ, Мирсада Бибиќ Саботиќ, Невенка Вулиќ, Оливера Лековиќ Драгиќ, Оливера Оља Лучиќ, Сава Ковачевиќ,  Сенада Ѓешевиќ и Сњежана Перуќица Бошковиќ.

недеља, 10. фебруар 2019.

Innovate your Dreams 2019

Меѓународен проект "Innovate Your Dreams 2019"
Целта на проектот е да им помогне на учениците да разберат и да се подготват за интересите на иднината. Проектните активности траат 7 недели.
Многу инспиративно, креативно и забавно.


субота, 16. јун 2018.

ВРАБЕЦ

Дали сте знаеле дека 20 март е прогласен за Меѓународен ден на врапците?

Првиот Светски ден на врабецот беше прославен во 2010 година во различни делови на светот. Денот беше прославен со спроведување на  разновидни активности и настани, уметнички натпревари, кампањи за подигнување на свеста за потреба од помагање и негување на градски  птици. 
Иницијативата за потреба од ваков ден потекнува од Индија, поточно од Мохамед Дилавар, кој 2008 год. пднесе барање до сите меѓународни еколошки друштва да одредат еден ден во годината за  оваа мала и корисна птица.
Градското врапче, 
домашното врапче или само врапче (науч. Passer domesticus) е птица од фамилијата врапчиња која е распространета низ речиси целиот свет. Потеклото и природното живеалиште се Европа, Медитеранот и голем дел од Азија, но таа е населена во дел од Австралија, Африка и Америка, што ја прави најшироко распространета птица во светот.
Врапчето е силно поврзано со човечките живеалишта, и најчесто се среќаваат во урбаните или руралните средини. Иако го има во различни живеалишта и различни климатски услови, сепак, тоа избегнува шуми, пасишта, ливади и пустини.
Градското врапче е долго 14-16 см, со распон на крилјата од 25 см и тежи 24-39.5 грама, и е малку поголемо од селското врапче. Телото му е често „надуено“, споено со малата глава. Клунот му е дебел и конусен, опашката кратка, нозете со четири прста. На земја почесто скока отколку што оди. Има изразен полов диморфизам. Мажјаците се малку поголеми и имаат синкавосиво теме и тил обрабен со костенливокафеаво поле кое започнува кај очите и завршува кај тилот. Образите му се светло сиви до белкави. Градите и стомакот му се пепелавосиви, а грлото, подбрадокот и клунот му се црни. Грбот му е кафеав, со надолжни црни линии. Наесен, по митарењето црниот дел на подбрадокот може да биде покриено со посветли рабови на новите перја. Женката е побледа, со нијанси на кафеави бои. Нема црно на темето, главата ѝ е сивкавокафеава, горните делови се кафеави со потемни линии, но има светла линија над окото. Одоздола е светло сивокафеава. Младенчињата се слични на женките, но имаат светол жолт клун.Врапчето е многу дружељубива птица. Во јато е во сите сезони, а кога се храни и со други видови птици. Гнезди во групи, а и кога спие е во заедница. 
Возрасните врапци претежно се хранат со житарки и семиња од тревки, но јадат и секаква друга храна. Во градските средини јадат претежно она што останува од луѓето, а најмногу леб. Јадат бобинки и меко овошје. Важен дел од исхраната се инсектите, бубачките, гасениците, потоа црвите, а јаде и гуштери и жаби. Младенчињата ги хранат претежно со инсекти. Забележан е како краде храна од други птици. 
Најчесто, леглото содржи 4-5 јајца, а имаат најмалку две легла. Јајцата се бели, синобели или зеленобели, со кафеави или сиви точки. Женката ги инкубира јајцата, а мажјакот помага. Тој може само да ги покрие јајцата, но не лежи врз нив. Ноќе, додека женката инкубира, мажјакот спие во близина. Краткиот период на инкубација трае 11-14 дена (најмалку 9, а најмногу 17), а младенчињата го напуштаат гнездото по 14-16 дена. За тоа време ги хранат обата родитела. Сосема се осамостојуваат по уште 7-10 дена.
Полово зрелите врапчиња просечно живеат 1.5 до 2.3 години. Ако се сметаат и младенчињата, тогаш просечниот век е само 9 месеци. Тие подолго живеат во градовите отколку вон нив. Сепак, има примери на птици што живееле и по 14 години во слобода и до 23 години во заробеништво.
Во многу делови на Европа бројот на врапчињата се намалува. Во Велика Британија во последните 25 години популацијата се намалила за 64%. Се наведуваат разни причини за ова, но еден од најизненадувачките е употребата на безоловниот бензин,  чие согорување произведува отрови како метил-нитритот. 

уторак, 18. јул 2017.

ЛАВАНДА


Лавандата е повеќегодишна густа полугмушка, со многу вертикални фиданки, со висина до 1 m. По потекло е од јужна Франција.
Целото растение е сиво поради изобилството од влакненца. Листовите се прави, на двата краја малку стеснети, слични на листовите од рузмаринот.
Цветчињата се ситни, виолетово-сини, пршленесто групирани по неколку цветови и собрани на врвовите од фиданките во цветови како класје.
Цвета во јуни и јули. Таа е медитеранско растение и сака топла клима, но и поголема надморска височина, иако некои видови се распространети и во континенталниот дел. Се размножува вегетативно и со семе.
Во народната медицина цветовите од лаванда се користат за лекување кардиоваскуларни болести, како желудочно средство, против песок во урината и против воспаление на мочниот меур. Исто така, се употребува за подготовка на лековити купки при воспаление на зглобовите и изработка на ароматични, миризливи перници. Надворешно, билката се употребува како додаток кон купките. Маслото предизвикува слаба локална анестезија. Служи и како коригенс за мирисите од многу лекови. Маслото се употребува и како лек, а освен тоа, многу се користи во парфимеријата и козметиката. Исушениот цвет се става меѓу облеката за да добие пријатен мирис, а во медитеранските земји букетите од лаванда служат за бркање комарци, тавтабити, молци и други инсекти.
Лекувањето со цветни есенции или флоритерапија подразбира ублажување на многу здравствени проблеми по природен пат.
Лавандата е фантастична за намалување на стресот, ја поттикнува релаксацијата и е одличен лек против несоница. Можете да ставите неколку капки на перницата за да успеете да заспиете. Исто така  може да се меша со неколку капки масло за масажа, па користете го за масажа на вратот и рамениците. Или уште подобро, дозволете му на некој друг да го направи тоа .
Исто така е многу корисно во намалувањето на главоболки и болки на забите. Втријте неколку капки на челото или на дел од вилицата каде ве боли заб. Лавандата е позната по своите смирувачки ефекти. Таа е особено ефективна како третман за изгореници, исекотини и рани. Можете да ја ставите на стерилна газа и да ја покриете раната. Исто така е едно од најпопуларните масла кои се користат за време на породувањето, бидејќи  релаксира, ја намалува анксиозноста и болката. Ова масло е добро за лекување на каснувања од инсекти, бидејќи помага да се ослободите од чешањето. Тоа може да се стави директно на каснатото место или претходно измешано со крема .