Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

среда, 22. фебруар 2012.

МОЈАТА ТАТКОВИНА МАКЕДОНИЈА (Лешок)


ЛЕШОК 
          Лешок се наоѓа во северозападниот дел од Македонија на оддалеченост од околу седум колометри од Тетово на магистралата Тетово – Јажинце, на надморска височина од 500 – 700 метри, на падините на Шар Планина. Лешок изобилува со еколошки чиста природа. Бујната вегетација на Шара со големите пространства на шуми од костен, бука, даб, лешник, ореви, сливи, багрем и други растенија, заедно со шарпланинските реки: Лешочката Река и Бистрица во кои има речна пастрмка како и големите и долготрајни снежни наноси, кои овозможуваат воздухот да изобилува со кислород и климата ја прави пријатна за одмор и рекреација на посетителите. Во Лешок има неколку извори на кисела вода. Неколку километри од Лешок се врвовите Плоча (2200 m) и Три Воде (2300 m), кои се богати со дивеч. 
На околу два километри од Лешок во селото Џепчиште се наоѓа најмалиот етнолошки музеј на светот, кој располага со преку 1150 стари музејски експонати.
      Лешок како населба се спомнува уште во античкиот период и тоа како градска населба со развиен економски, општествен и духовен живот. Во средниот век се спомнува со името Легенград, од кој се зачувани остатоците од Лешочкото кале, кое се наоѓа на брдото веднаш над Лешочкиот манастирски комплекс. Месното население го нарекува Лешек. Во Лешок со околината имало 44 цркви. Денес во Лешок има три цркви и една капела – параклис (Св. Атанасиј од 14 век, Св. Атанасиј од 20 век, Св. Богородица од 19 век и капелата – параклис Св. Кирил и Методиј од 20 век сместена во конакот, како и остатоци од пет цркви и параклиси од средниот век (Св. Никола, Св. Врач, Св. Петка, Св. Марена и Св. Илија).
     Црквата Св. Атанасиј од 14 век (1321 год.), била седиште на првиот полошки епископ Јоаникије и со закон е прогласена за споменик на културата. 
   Значаен културен објект е и црквата Св. Богородица, 
која била доградена од македонскиот просветител и јеромонах Кирил Пејчиновиќ, а ја доградил на темелите на старата црква од среден век, поради што има многу фрески кои датираат од 17 и 19 век, од мијачките зографи Михаил и Панајот од Галичник со раскошен иконостас кој го изработил мијачкиот мајстор Михаил Ѓурчинов 1879 година.
Црквата Свети Атанасиј има долги традиции, богата и славна, но полна со трагични настани историја, при што повеќе пати е палена или уништувана и обновувана.
      Прв пат во 1690 година Турците ги разурнале и Лешочкиот манастир и црквата „Света Богородица“. Втор пат манастирот го кренале во воздух албанските терористи за време на конфликтот во 2001 година. Во манастирот е гробот на големиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ.
 Во април, Лешок го посетува птица преселница, пупунец.

Нема коментара:

Постави коментар