Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

субота, 16. јун 2018.

ВРАБЕЦ

Дали сте знаеле дека 20 март е прогласен за Меѓународен ден на врапците?

Првиот Светски ден на врабецот беше прославен во 2010 година во различни делови на светот. Денот беше прославен со спроведување на  разновидни активности и настани, уметнички натпревари, кампањи за подигнување на свеста за потреба од помагање и негување на градски  птици. 
Иницијативата за потреба од ваков ден потекнува од Индија, поточно од Мохамед Дилавар, кој 2008 год. пднесе барање до сите меѓународни еколошки друштва да одредат еден ден во годината за  оваа мала и корисна птица.
Градското врапче, 
домашното врапче или само врапче (науч. Passer domesticus) е птица од фамилијата врапчиња која е распространета низ речиси целиот свет. Потеклото и природното живеалиште се Европа, Медитеранот и голем дел од Азија, но таа е населена во дел од Австралија, Африка и Америка, што ја прави најшироко распространета птица во светот.
Врапчето е силно поврзано со човечките живеалишта, и најчесто се среќаваат во урбаните или руралните средини. Иако го има во различни живеалишта и различни климатски услови, сепак, тоа избегнува шуми, пасишта, ливади и пустини.
Градското врапче е долго 14-16 см, со распон на крилјата од 25 см и тежи 24-39.5 грама, и е малку поголемо од селското врапче. Телото му е често „надуено“, споено со малата глава. Клунот му е дебел и конусен, опашката кратка, нозете со четири прста. На земја почесто скока отколку што оди. Има изразен полов диморфизам. Мажјаците се малку поголеми и имаат синкавосиво теме и тил обрабен со костенливокафеаво поле кое започнува кај очите и завршува кај тилот. Образите му се светло сиви до белкави. Градите и стомакот му се пепелавосиви, а грлото, подбрадокот и клунот му се црни. Грбот му е кафеав, со надолжни црни линии. Наесен, по митарењето црниот дел на подбрадокот може да биде покриено со посветли рабови на новите перја. Женката е побледа, со нијанси на кафеави бои. Нема црно на темето, главата ѝ е сивкавокафеава, горните делови се кафеави со потемни линии, но има светла линија над окото. Одоздола е светло сивокафеава. Младенчињата се слични на женките, но имаат светол жолт клун.Врапчето е многу дружељубива птица. Во јато е во сите сезони, а кога се храни и со други видови птици. Гнезди во групи, а и кога спие е во заедница. 
Возрасните врапци претежно се хранат со житарки и семиња од тревки, но јадат и секаква друга храна. Во градските средини јадат претежно она што останува од луѓето, а најмногу леб. Јадат бобинки и меко овошје. Важен дел од исхраната се инсектите, бубачките, гасениците, потоа црвите, а јаде и гуштери и жаби. Младенчињата ги хранат претежно со инсекти. Забележан е како краде храна од други птици. 
Најчесто, леглото содржи 4-5 јајца, а имаат најмалку две легла. Јајцата се бели, синобели или зеленобели, со кафеави или сиви точки. Женката ги инкубира јајцата, а мажјакот помага. Тој може само да ги покрие јајцата, но не лежи врз нив. Ноќе, додека женката инкубира, мажјакот спие во близина. Краткиот период на инкубација трае 11-14 дена (најмалку 9, а најмногу 17), а младенчињата го напуштаат гнездото по 14-16 дена. За тоа време ги хранат обата родитела. Сосема се осамостојуваат по уште 7-10 дена.
Полово зрелите врапчиња просечно живеат 1.5 до 2.3 години. Ако се сметаат и младенчињата, тогаш просечниот век е само 9 месеци. Тие подолго живеат во градовите отколку вон нив. Сепак, има примери на птици што живееле и по 14 години во слобода и до 23 години во заробеништво.
Во многу делови на Европа бројот на врапчињата се намалува. Во Велика Британија во последните 25 години популацијата се намалила за 64%. Се наведуваат разни причини за ова, но еден од најизненадувачките е употребата на безоловниот бензин,  чие согорување произведува отрови како метил-нитритот.