Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

недеља, 13. јануар 2013.

Василица - стара нова година



Македонија, со векови ја прославува стара нова година на  четрнаесетти јануари, која се совпаѓа со празникот Св. Василиј Велики. Поради тоа овој ден меѓу народот е познат и како Василица. Многу обичаи се поврзани со празнувањето на Василица. Некои од нив се уште ги практикуваме а некои останале заборавени во минатото. 
Питата со паричка е најприфатена традиција за Василица, која се почитува од минатото па се до денес. За Василица се прави пита или зелник а во битолскиот крај се прави мазник и се крши питата меѓу домашните. За оној на кого ќе му се падне паричката се верува дека ќе го следи среќа и бериќет целата година. Оваа традиција отсекогаш се практикува во сите делови од Мкаедонија.
Во минатото за Василицa, децата и возрасните имале различни задачи за празникот. Децата најпрво палеле оган и се собирале околку него и пееле песни. Потоа пеејќи ги песните за Василица тие оделе по куќите низ населбите и од домаќините биле дарувани со подароци. Како и коледарските песни, така и василичарските, немаат некоја посебна мелодија и не се милозвучни, туку се пејат со скандирање и со карактеристични звуци на почетокот и крајот од песната. Со овие песни децата искажувале убави желби и благослови:
Сурова, сурова година голем клас на нива,
голем грозд на лоза жолт мамул на леса,
живо здраво до година, до година до амина.

Децата одејќи по улиците носеле  прачки од дрен или слива и со нив ги удирале луѓето, особено старите и болните лица и на тој нашин ги оздравувале. Овој обичај се викал суровење, а децата бидејќи биле здрави биле сурови како прачката. Истото го правеле и на стоката, каде василичарот односно домакинот ги носел децата во штала и ги удирале најчесто коњите, воловите и овците.
Возрасните имале други обичаи за Василица. Тие се спремале за маскирање и правеле маски и предмети за тропање и кревање врева како лонци, ѕвонци, тенџериња како и музички инструменти гајди и тапани. Со овие реквизити се создавала голема врева што се верувало дека ќе се избркаат лошите духови.
 Овој начин на прославување Василица многу наликува на начинот на кој се прославува во Вевчани. Вевчанци се познати по Вевчанскиот василичарски карневал и  ги практикуваат старите обичаи за овој празник. Карневалот кој се негува во овој крај повеќе од 1400 години е симболот на градот, за кој жителите од Вевчани се подготвуваат преку целата година. Со маски и различни видови на ѕвона тие на 13-ти и 14-ти јануари парадираат низ улиците на градот и ги бркаат лошите духови.
Во минатото за време на подготовките за прославата на Василица, жените береле растенија кои биле со боцки и од нив правеле букет и го оставале да се исуши.
Букетот од исушени боцкави растенија го оставале на куќниот праг во пресрет на тринаесетти, заврзан со црвен конец и ставен во котле со вода.
Исто така жените за Василица имале обичај да греат црепна од глина, а во загреана црепна фрлале зрна од пченица. Тие фрлале зрно по зрно и со секое фрлено зрно кажувале име на членовите од семејството, ако фрленото зрно отскокне тоа значело дека тој член од семејството ќе има бериќет и здравје преку целата година. Освен за членовите од семејството, пченични зрна се фрлале и за добитокот и родот на фамилијата.
Мажите за време на прославата на Василица играле игри на среќа, коцкарски игри и комар со што се ставала среќата на тест. Се верувало дека оној кој што ќе победи во тие игри ќе има среќа цела година.

Нема коментара:

Постави коментар