Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

недеља, 07. јул 2013.

ИВАНДЕН



Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на св. Јован Крстител. Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани огновите. Ритуалите со билките и верувањето во нивната магиска моќ, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се  оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, кое што го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе “рутишчата”, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници”. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.

Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета и била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован”. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.
Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот.
Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: „Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патот”. 






Нема коментара:

Постави коментар