Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

субота, 03. децембар 2011.

СЛИВА

МАКЕДОНИЈА - РИЗНИЦА НА ЗДРАВА ХРАНА 
 СЛИВА
Сливата потекнува од Азија, а популарна била уште во стариот век. Од старите записи дознаваме дека ги красела и висечките градини во Вавилон. Во стариот Рим дошла од Сирија, а Римјаните ја конзервирале и сушиле. Западна Европа ја запознала сливата благодарение на крстоносците. Сливата ни помага при психичките немири и тешкотиите со концентрацијата, го јакне срцето и имунитетот, го регулира варењето на храната, го чисти организмот, ја поттикнува работата на црниот дроб. Можеме да уживаме во нејзините свежи плодови, во вкусните џемови и компоти, а надалеку е популарна и преработката на сливите во ракија. Ова овошје има топчест или издолжен плод со сина, црвена или жолта боја на лушпата. Месото е слатко, со жолта боја и со семка во средина. Денеска се одгледуваат повеќе од 2000 видови, а најпознати се сортите италијанка, аченка, и мирабел. Од витамините најмногу има бета - каротин (провитамин А), витамин Ц, Е, фолна киселина, ниацин и витамин Б6 и големо количество минерали: калиум, фосфор, калциум, магнезиум, натриум, железо, бакар. Содржи и пектин. Сливите имаат ниска калорична вредност. Убавиот вкус е резултат на добрата рамнотежа меќу шеќерот и овошните киселини. Содржи и сорбитол - шеќерен алкохол што се користи како замена за шеќер при производство на слатки диететски производи наменети за дијабетичари и луѓе што можат да конзумираат ограничени количества шеќер. Сорбитолот има 60% од слаткоста на шеќерот, но помалку калории, добро ја задржува влагата, има соодветна кристална структура и не предизвикува појава на кариес. Во форма на концентриран сок сувите сливи се користат како природен засладувач, како појачувач на вкусот и како конзерванс. Поради изобилство на витамини, минерали, диететски влакна и природни шеќери, сливата завзема важно место во исхраната. Придонесува и за подобрувањето на исхраната, со тоа што нејзиниот состав човековиот организам лесно го прифаќа и со тоа употребливоста на поединечни состојки е зголемена. Лаксативното дејство на сливата има особено значење за современиот човек бидејќи поради малата физичка активност и начинот на исхрана е намалена активноста на сревата, а тоа го регулира сливата. Сливите што ќе ги купите треба да се со дршки, да се цврсти и неоштетени. По купувањето може да се чуваат 2 до 3 дена во фрижидер бидејќи брзо дозреваат. Ако сакате да ги чувате 2 до 3 месеци замрзнете ги но претходно исчистете ги од семки. Најпознат заштитен знак на кујната на нашите баби е мармалад или слатко од сливи. Варена во вода или во вино со шеќер, кора од лимон или портокал и со зачини дава вкусен компот. Најпознати се штрудлите и питите од сливи. Често се става и во солените јадења особено уз печените меса. Сливовата ракија - обична или препеченица, е одличен аперитив, а може да се користи и за фламбирање на слатките и солените јадења.
СЛАТКО ОД СЛИВИ:
1 kg сливи измијте ги и излупете ги, па ставете ги во варова вода да отстојат еден час. Потоа добро измијте ги, извадете им ги семките и оставете да се исушат. Шеќерниот сируп пригответе го од 1 kg шеќер и  1/2 l вода. Сливите варете ги околу 25 минути, а при крај додадете лимон исечен на тркалца и ванилин шеќер. Изладеното слатко спакувајте го во суви и чисти тегли.  
МАРМАЛАД ОД СЛИВИ  
5 kg сливи измијте ги, исчистете ги од семките, ставете во тенџере, посипете ги со 500 g шеќер и со една кесичка лимонтус. Печете ги во рерна на  200 °С. Повремено мешајте го мармаладот. Откако ќе биде печен, врелиот мармалад ставете го во загреани тегли, вратете ги во исклучената рерна да се фати тенка коричка. Кога ќе се излади затворете ги теглите.   
КОЛАЧ ОД СЛИВИ
Потребно:  • 4 јајца  • 200 g шеќер  • малку сол (на врв на нож) • 1 лажица сок од лимон  • 160 g  брашно  • 1 лажица прашок за пециво  • 80 ml зејтин  • 80 ml млеко  • модри сливи 
Подготовка:
1. Модрите сливи исечете ги на пола и извадете ја семката.   
2. Одделете ја жолчката од белката. Белките заедно со солта и сокот од лимон изработете ги во цврст снег, додека жолчката изработете ја со шеќерот.        
3. Додадете го млекото и зејтинот и изработете ги заедно со миксер на најголема брзина.     
4. Брашното измешајте го со печивото и постепено додавајте го во смесата со жолчката и постојано мешајте.    
5. На крај додадете ја смесата со белки. 
6. Четвртастото тавче поставете го со хартија за печење. Истурете ја смесата и нанесете ги сливите со исечената страна нагоре.    
7. Печете во загреана печка на 180 степени околу 35 – 40 минути. Откако ќе се олади колачот, исечете го на големи парчиња и ставете го малку да се олади во фрижидер. По желба, посипете го со шеќер во прав.

Нема коментара:

Постави коментар