Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

понедељак, 30. јул 2012.

Илинден или денот на Св. Илија


Според народните верувања, Свети Илија (хебрејски:אליהו Eliyahu) се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој управува со летните грмотевици. Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос (поточно роден е во 816 година пред Христа) во местото Тесвит, поради што во Библијата е наречен Тесвиќанин.
За неговото дело е напишано во Стариот завет, Новиот завет, Талмудот и Коранот ,  што значи дека е почитуван во многу религи: јудаизмот, христијанстото, исламот, Бахајството, Јеховите сведоци, Мормонизмот. 
Кога се родил Илија татко му Савах видел необичен знак, околу бебето имало многу Божји ангели гои го повиле со оган и му давале пламен да јаде. Ова случка таткото ја раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се грижи зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господ и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размислува.
Во текот на животот направил многу пророштва кои се оствариле, се молел за дожд во време на суша, лекувал болни, а познато е и неговото воскреснување на синот на вдовицата која го примила кај себе. Негова главна карактеристика е тоа што верата во единствениот Бог ја ширел без страв и многу брзо, наспроти бројните богови во кои во тоа време се верувало.
Пред крајот на животот Илија за свој наследник во пророкувањето го одредил Елисеј. Кога дошло времето за тоа Господ испратил по Илија огнена кочија што ја влечеле пламени коњи. Илија седнал во неа и таа се подигнала кон небото, а тој му ја фрлил својата горна облека на Елисеј, пренесувајќи му ја на тој начин дарбата за пророкување.
Во чест на пророкот Илија Светата христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2 август според новиот, односно на 20 јули според стариот календар. Свети Илија се смета за празник на кожуварите, самарџиите и ќерамидџиите.
На Свети Илија именден празнуваат: Илија, Иљо, Илко, Илинден, Илинка, Илина..

субота, 21. јул 2012.

МЕД

МЕД


Медот претставува најсовршениот производ на природата, во него се наоѓаат скоро сите состојки кои го градат човековиот организам. Нектарот кого пчелите го собираат од цвеќињата е главен извор на глукозата и фруктозата, кои се главните состојки на медот.

Неверојатните растителни состојки кои се наоѓаат во медот му даваат силен поттик на имунолошкиот систем. Сировиот мед е полн со витамини и има големо количество на минерали кои се од витално значење за зачувување на здравјето, како што се калциум, железо, цинк, калиум,фосфор,магнезиум, бакар, хром, манган и селен. Медот содржи аминокиселини, кои се градбени делови на природата. Исто така, сировиот мед е полн со ензими. Ензимите се неопходни за апсорбција на храната, обнова на телото, здравјето на ќелиите и скоро сите останати биолошки процеси.
Медот не содржи повеќе од 15% вода. Тајната за производство на правиот природен пчеличен мед, пчелите ја носат своето тело и организамот за варење кои тој производ го претвораат во продукт речиси незаменлив во човечката исхрана.

Прополис
Прополисот е супстанца која настанува со мешање на растителните материи кои ги собираат пчелите со дигестивниот организам и восокот. Пчелите со прополисот го затвораат саќето и ги затвораат пукнатините. На изглед, прополисот е смолеста материја со жолто-зелена до темно црвена боја. Ако се чува подолго, станува темна, а ако е изложено под сонце ја губи еластичноста. Има карактеристично смолест мирис и горчлив вкус, а по структура е густ и хомоген. Прополисот содржи околу 200 состојки, од кои најважни се есенциалните масла, растителните балзами и смола, цвениот прав, витамини, олигоелементи итн.
Најважни активни сусптанци на прополисот се полифинолните соединенија - флавоноиди (галангин, кверцетин, кепферол, пиноцембрин итн.). Флавоноидите имаат низа корисни фармакотерапевтски дејства од кои најважни се антиоксидациони, антимикробни (делуваат на ќелиите на бактериите, габите и вирусите), антитуморски, хематотерапевтски, антифламаторни и кардиопротективни ефект.
Благодарејќи на својот состав, прополисот се користи при лечење на различни бактериски, габични и вирусни заболувања. Поради неговите лековити својства се нарекува лек на 21 век. Прополисот се применува кај респираторните проблеми, при инфекции на усната шуплина, во дерматологијата (акни, екцеми, изгореници), кај инфекции на дигестивниот трак, за заштита на ткивото на црниот дроб и за јакнење на имунолошкиот систем. Прополисот наоѓа примена и во козметиката, благодарение на неговото антимикробно дејство и влијание на брзото регенерација на ткивата.
Прополис на пазарот е застапен во облик на капки, спреј, таблети, капсули, масти, креми.
ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ?
Медот еден од најздравите продукти во нашата исхрана. Од него можете да направите и одличен сируп против кашлање, иако можете секојдневно да го конзумирате, барем по една лажичка дневно.


Измешајте една лажичка мед со лимон или повеќе дози, а со тоа го добивте и вашиот сируп. Медот е добар, а и заштитува од бактеријски инфекции и ги лечи уринарните тегоби. Го смалува и нивото на лошиот холестерол. Медот ги јакне белите крвни зрнца и го штити организмот од бактерии. Две лажички цимет и една лажичка мед, помешани во чаша вода, ги уништуваат миробите присутни во мочниот меур. Ова е добар лек против уринарни инфекции. Ако испиете чај во кој сте додале три лажички цимет и две лажички мед, во вашиот организам ќе се намали нивото на хорестерол за 10% и тоа за неколку часа. Медот е добар и лековит уште за многу други болести, но најчесто кај нас се користи против настинка.
Ппотив  мамурлак
Дали знаевте дека леб и бисквити намачкани со мед, како и друга храна богата со фруктоза, го олеснува мамурлакот според некои нутриционисти. Тоа е затоа што фруктозата, природен шеќер, го стимулира брзото разградување на алкохолот во крвта.
Медот неопходен за време на бременоста
Потребата за железо во бременоста е двојно поголема, па се препорачува внесување на мед трипати на ден, половина час пред јадење и тоа по една или две лажици шумско – ливадски мед, растворен во чаша вода.
Присуството за железо, бакар и кобалт во медот, кои ги нема во мајчиното млеко, како и фолна киселина, го подобрува составот на крвта, ја поправа слабокрвноста (се зголемува бројот на црвени крвни зрнца и хемоглобинот). Содржината на минерали во медот варира во зависност од видот, колку е потемен медот толку е поголем бројот на минерали и обратно.
Некои експерти препорачуваат жените да јадат мед од зачнувањето, особено во првите три месеци од бременоста, бидејќи ги намалува мачнините и повраќањето, го враќа доброто расположение, го збогатува организмот со хранливи состојки, го намалува уморот и ја спречува анемијата. Исто така докажано е дека консумирањето мед за време на бременоста и доењето ги подобрува соматските и интелектуалните функции на детето. Богатството од хранливи состојки, етерични масла, ензими, витамини и минерали го подобруваат апетитот кај децата.
КАКО ДА ГО ПРЕПОЗНАЕТЕ ПРИРОДНИОТ МЕД?
Медот е извор на здравје, но треба да внимаваме и на неговото потекло. Експертите велат дека постојат три основни видови мед: природен (чист), фалсификуван и вештачки. Природниот е чиста суровина мед и содржи богати витамини и минерали. Во таканаречениот „фалсификат” има и други состојки, а вештачкиот е чиста хемија, има шеќерен или пченкарен сируп, адитиви и бои.
Најсигурниот начин за да дојдете до природниот мед е да го купите од пчелар. Чистиот и природен мед во себе не содржи вода. Стручњаците советуваат дека и покрај добрите состојки на медот, бебињата до една година не треба да го консумираат.
Еден од триковите за да препознаете дека медот е природен е да го протриете малку меѓу палецот и показалецот, додека не се распадне. Дел од медот ќе се апсорбира во кожата бидејќи чистиот мед останува. Природниот мед не е леплив, а доколку има спротивен ефект, тоа значи дека во него има шеќери или вештачки засладувачи.
Друг начин за да го испробате квалитетот на медот е да ставите неколку капки на хартија. Чистиот мед нема да ја пробие хартијата долго време бидејќи не содржи вода.
Во чаша со вода ставете една лажица мед, природниот мед ќе се згрутчи и ќе се спушти до дното, а вештачкиот ќе се разлее.
Намачкајте го лебот со мед. Природниот за неколку минути ќе го стврдне лебот, додека вештачкиот, поради водата, ќе го навлажни парчето.
Сигурен и видлив начин да ја проверите вредноста на медот е и кристализацијата. Природниот мед ќе се кристализира со тек на време, додека вештачкиот ќе остане како сируп.
Врвот на шкорчето макнете го во медот и обидете се да го запалите. Доколку медот е природен, шкорчето ќе се запали, во спротивно – нема.
МАТИЧЕН МЛЕЧ
Се смета дека матичниот млеч е најсовршена супстанца во природата и најсилен биостимулатор, биоенергетик и имуномодулатор. Матичниот млеч е единствен природен производ кој има преку 150 биолошки активни состојки: ги содржи сите пет главни хранливи материи кои го изградуваат животот – белковини, масти, јаглени хидрати, витамини од групите B,витамин E и С, најважни минерали, ензими, коензими, 23 аминокиселини меѓу кои и осум есенцијални.
Посебното својство на матичниот млеч е во тоа што тој влијае на ниво на клетката, врши детоксикација, ја стимулира нејзината функција и нејзината делба. Матичниот млеч е единствен природен производ кој има способност да ги регенерира клетките, да ги обновува и подмладува. Го стимулира и растењето и развитокот на организмот и го успорува неговото стареење.
Матичниот млеч дејствува на сите делови на нашиот организам: на нервите, мозокот (концентрација, способност за паметење, учење, координација на движењето), го зајакнува имунолошкиот систем и ја зголемува отпорноста бидејќи биостимулаторите кои ги содржи ги поттикнуваат антителата и леукоцитите. Ја зголемува подвижноста и циркулацијата а со тоа поволно влијае на кардиоваскулаторниот и нервниот систем, го ублажува уништувањето на нервните клетки, го нормализира крвниот притисок, го забавува процесот на атеросклерозата, појавата на проширените вени, инфарктот, и го забрзува оздравувањето од веќе постоечките кардиоваскуларни заболувања.
Матичниот млеч ја стимулира работата на жлездите со внатрешно лачење и ги намалува ризиците за појава на многу болести. Дејствува на тиреоидната жлезда која го регулира метаболизмот и така помага во балансирање на метаболизмот. Ја обновува функцијата на панкреасот и потпомага во природното лачење на инсулинот, а ги санира и психичките пореметувања настанати од дијабетесот. Го нормализира хормонскиот статус кај жените и мажите и помага во отстранување на причината за стерилитет.
Како друга корисна функција е и поволното дејство врз работата на надбубрежните жлезди и лачењето на адреналинот, што влијае на зголемување на отпорноста на стресот и ги смалува последиците од истиот. Влијае на подвижноста на ‘рбетниот столб и ги намалува болките настанати со пореметување на ‘рбетниот столб. Го зајакнува нервниот систем и влијае на подобрување на психичката состојба и општото расположение. Ја забрзува детоксикацијата на организмот, ги санира последиците од радиоактивноста и ја подобрува општата виталност на организмот.
Матичниот млеч можат да го користат сите без разлика на годините и здравствената и психичката состојба, а посебно се препорачува на сите кои се изложени на умствени и физички напори и работат во екстремно тешки услови. Матичниот млеч тешко се чува: кога ќе се извади од кошницата трае само 48 саати, ако се стави веднаш во мед може да стои 7 дена, а потоа главните својства, т.е. неговата биоактивност се губи, но одредени својства може да се задржат и до година дена.
Заради сите овие својства кои ги има матичниот млеч научниците дури триесет години работеле на тоа да пронајдат начин како да се сочува матичниот млеч повеќе од 7 дена. Така Руската академија на науки во почетокот на деведесетите години успеала со посебен метод на лиофилизација да го одвои и сочува во облик на гранули со гарантиран рок на употреба до две години.
Да береше секоја пчела мед, бумбарон ќе собереше најмногу.

четвртак, 19. јул 2012.

Скопје


СКОПЈЕ

Октавијан Август (латински:Gaius Iulius Caesar Octavianus Augustus)
 Скопје е формирано во времето на римскиот Император Октавијан Август ( 13 - 11 година пред новата ера ) под името Скупи. Се развил од логор ( castrum ) на двете Македонски легии ( Петта Македонска и Четврта Скитска ) кои и служеле на Римската држава. Скупи бил дел од областа Дарданија и дел од провинцијата Мезија.

Името Скупи (скупи = колиба, засолниште, стреа ) за прв пат се појавува кај племето Пеонци. Скупи им значело “населба на див народ“.

Во 694 година после Христа, Словенското племе Брсјаци го завзеле Скупи и му го дале името Скопје.

Од 974 до 1014 година Скопје станува дел од државата на Цар Самоил.

Во 1346 година, српскиот цар Душан е крунисан во Скопје кое станало главен град на неговото царство.

1392 година Скопје го освоила Отоманската Империја и станал Ускуп.
1555 година се случил силен земјотрес во Скопје.

На 25 октомври 1689 година Скопје било освоено од Австро - Унгарскиот генерал Пиколомини , кој го запалил поради чума, од која и самиот генерал после неколку дена заболел и умрел во Скопје.

Во 1869 година на Камениот мост бил наденат на кол и фрлен во реката Вардар легендарниот војвода Карпош, наречен “Селски крал“, водач на востанието на Кратовските рудари.

Во 1836 година во Скопје е отворено првото јавно Словенско училиште. Најголем придонес за тоа има Јордан Хаџи - Константинов - Џинот.

На 12 октомври 1912 година после 5 века владеење, од Скопје се протерани Османлиите и Скопје потпаѓа под српска окупација .
За време на Прва Светска Војна, Скопје е под Бугарско – Австро Унгарска окупација .
По завршувањето на Првата Светска Војна , во 1918 година Скопје станува дел од Југославија , управувана од диктатурата на српскиот крал.
Во Втора Светска Војна, Скопје било окупирано од Бугарската фашистичка држава.
На 13 Ноември 1944 година, Скопје било ослободено од Македонската Ослободителна Војска и од тогаш педесетина години било главен град на една од федеративните републики на Југославија - Македонија.

Во 1962 година се случи голема поплава на реката Вардар во Скопје.


На 26 Јули 1963 година се случи силен земјотрес и го разурна Скопје со илјадници жртви.

На 8 Септември 1991 година, Скопје станува главен град на новата независна држава Македонија.
Денешно Скопје - град кој умее да се радува.

уторак, 17. јул 2012.

ВРЕДНА МРАВКА

ВРЕДНА МРАВКА

Си живеела еднаш една среќна и вредна мравка која секој ден доаѓала рано наутро, прва на работа. Цел ден работела вредно, била весела ведра и додека работела си потпевнувала весели песнички. Таа била среќна додека работела и нејзините резултати биле одлични. Но, работела без насоки, затоа што немала шеф. Затоа господинот стршлен, директорот на фирмата, одлучил дека таквата ситуација не може да потрае и ја вработил буба марата, која имала големо искуство во управувањето.
Првата грижа на буба марата била да организира следење на доаѓањето и заминувањето од работа на мравката. За таа цел вовела систем за евиденција на доаѓање и напуштање на работното место. Поради зголемениот обем на работа околу документацијата вработиле и секретарка која што подготвувала документи и извештаи.
Пајакот, кој бил поставен на таа функција, веднаш воспоставил систем на архивирање и станал одговорен и за преземање на телефонските повици.
Во меѓувреме среќната мравка само си работела и си работела..... Директорот стршлен бил воодушевен од извештаите што ги добивал од буба марата и наскоро посакал споредбени студии со графикони и анализи на трендовите на развој.
Поради зголемениот обем на работа неопходно било да вработат и крт кој директно би му помагал на директорот, па затоа веднаш му купиле нов компјутер и печатач.
Набргу среќната мравка почнала да се жали на таа административна војска со која морала да се бори. Директорот увидел дека е потребно веднаш да се реагира.
Креирал ново работно место, шеф на службата, кој директно би ја надгледувал среќната и вредна мравка. На новото работно место го вработил штурецот кој веднаш по доаѓањето го сменил целокупниот мебел во канцеларијата и си набавил соодветно обликувана столица и нов компјутер со ЛЦД екран.
Бидејќи пораснал бројот на компјутери, морало да се купи и да се инсталира мрежен сервер.
Новиот шеф на службата сфатил дека итно му е потребен помошник (кој му бил помошник и во претходната фирма) за подготвување на стратешки нацрт за управување и пресметки во фирмата.
Во позадината на целата приказна мравката била сè помалку среќна и сè помалку продуктивна.
Шефот, штурецот со воодушевување заклучил дека треба да се изготви студија за социјалното расположение и задоволството на вработените во фирмата.
Кога директорот, стршлен ги погледнал бројките, сфатил дека фирмата во која работела среќната и вредна мравка, повеќе не е рентабилна како порано и длабоко се замислил.
Изнајмил елитен советник, господинот буф, кој требало да направи детална ревизија на фирмата и да предложи решение за подобрување на рентабилноста, за фирмата да работи рентабилно како порано.
Господинот буф по тримесечно детално анализирање на односите во фирмата, на директорот му го предал следниот извештај: „Во фирмата има премногу вработени!“.
Директорот стршлен ја прифатил стручната анализа и веднаш ја отпуштил мравката.

Поука

Никогаш немојте да бидете среќна и вредна мравка. Многу повеќе се исплатува да се биде неспособен и ништо да не се работи. Неспособните немаат потреба од сопствен надзорник.

Ако покрај сè сте продуктивни, немојте да покажете дека сте весели додека работите, бидејќи за тоа нема оправдување.

Ако сепак сакате да сте вредна мравка, отворете сопствена фирма и така нема да морате да работите за стршленот, бубамарата, пајакот, кртот, штурецот и бувот.

За жал, целата приказна се темели на научни истражувања кои велат дека повеќето луѓе сепак тежнеат кон паразитски живот.
МОДЕРНА ВЕРЗИЈА - ШТУРЕЦОТ И МРАВКАТА
Било пролет и мравката си работела во нивата. Поминал штурецот со џип и со две згодни риби.
- Мравко, ај со нас ќе одиме на планина да се журкаме.
- Не можам, ќе дојде зимата ќе мора нешто да јадам.
Дошла есен и мравката пак си била во нивата. Пак поминал штурецот со џип и со две други згодни риби.
- Мравко, ај со нас ќе одиме некаде на топло да се бањаме, ќе се зезаме, женски, пиво, журки...
- Не можам, еве работам, еве ја зимата, ќе мора нешто да се јаде.
Дошло зима, мравката си седела во својот топол дом, си грицкала семки и гледала телевизија. Кога на вратата тропнал штурецот во скијачко одело и со две други риби.
- Мравко, ај со нас на скијање.
- А бе не можам... одете вие... ама ако го сретнете оној писателот Лафонтен, кажете му дека ќе му .... ....., каже те му дека никогаш нема да му простам.

ПОУКА:
За премногу работа награда можете да добиете само во басните на Ла Фонтен.

Градот под Марковите Кули - Прилеп

"Aко не ја познаваш својата земја и нејзиното богатство, не се познаваш ни самиот себе."
ПРИЛЕП

Прилеп е град во Република Македонија. Со 73925 жители и површина од 1 675 km2, градот е лоциран во северниот дел на Пелагониската котлина, во јужниот дел на Република Македонија, до него се стасува преку магистралниот пат М5/Е65. Се наоѓа на 128 km (воздушна линија) од главниот град Скопје.

Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкиот локалитет Стибера, кај селото Чепигово. Во близина на градот, на Марковите Кули се откриени траги од предисториска населба.

Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и военостратегиски град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на Самoиловата војска на Беласица, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот Самиул починал од срцев удар. По смртта на Самуил градот потпаднал под византиска власт, се до распаѓањето на Византија во 1204 год. Во 1334 година Прилеп заедно со цела Македонија стануваат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан. Во 1371 година Прилеп станал престолнина на средновековниот македонски феудален владетел, Волкашин, кој го создал Прилепското кралство, со седиште во Прилеп. По неговата смрт во Маричката битка (1371), го наследил неговиот син, Крале Марко, (познат по своите надприродни сили и моќи, во народните преданија и приказни), кој и по доаѓањето на Турците се до неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и југо-западна Македонија.

Со доаѓањето на Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското производство особено на тутун. Во Прилеп во 1564/65 година ќе се случи и првиот поголем бунт на македонскиот народ кон турската власт, кога незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред судот во Прилеп.
Во XVIII и XIX век во градот се одржувал голем панаѓур, кој бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.
Во XIX век, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков (роден прилепчанец) ќе ја прифати идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво.

Во април 1941 год. Прилеп потпаднал под фашистичка окупација. Уште од првите денови на окупацијата се појавил отпор, за конечно на 11.10.1941 година со нападот на бугарската полициска станица од страна на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ да започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт.

Прилеп е центар на производство на високо квалитетен тутун и цигари, метало преработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехрамбена и мермерна индустрија (рудникот “Сивец“).
Тутунот е еден од Прилепските традиционални култури што успева во Македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат Прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за Тутун за креирање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот.

Институт за Старословенска Култура - ИСК лоциран во градот Прилеп генерално се занимава со етногенезета на старите Словени, преку истражувањата на археолозите, историчарите на уметност, етнолозите, лингвистичарите и други помошни историски науки. Формиран е како Центар за истражување на Старословенската Култура при Музејот на град Прилеп, а во 1980 година се осамостојува како Институција од научен карактер. Негов основач е тогашниот директор на Музејот на град Прилеп - Проф. д-р. Бошко Бабиќ, а подоцна и негов директор од 1980 година.

Македонски Театарски Фестивал "Војдан Чернодрински" се одржува во чест на првиот модерен македонски автор на драми, Војдан Чернодрински, кој бил роден во село Селци, Струшко во 1875 год. Овој Театарски Фестивал е најголемиот и најзначајниот за македонската театарска дејност, како и пошироко на Балканот, чии признанија се од голема важност во животот на актерите. Се одржува секоја година, во првата недела од месецот Јуни.
Прилеп изгради најмасовниот и туристички најпосетениот фестивал во Македонија и на Балканот – Пиво-Фест.
Итар Пејо

Две - три прилепски бежиња разбрале за итроштините на Итар Пеја и таман дошол Пејо во Прилеп на пазар, го нашле на анот и, за да го насамарат, му рекле :
- Ајде, Пejo, да се обложиме дека не можеш да преседиш ноќеска на ќерамиди. Ако преседиш, ќе ти дадеме сто лири.
Било зима и многу студено та бежињата си мислеле дека Пејо не ќе се согласи со облогот. Па и ако се согласи да остане ноќеска на јасникот, нема да остане жив.
Арно ама, Пејо го заскокоткаа ребрата за сто лири и си вели:„Стопанка му. Јас сум сиромав, па сиромав. Ако останам жив, ќе и речам збогум на сиромаштијата, а ако умрам од студ - ќе се спасам од неа. Кога да видиш, жив - умрен, на ќар сум!" И реши да се обложи со бежињата.
Го качија ноќта на една куќа на ќерамиди. Ни сакме ни гуне, ништо не му дадоа да си земе. Тресе Вилици Пејо, тенџере клинци и плочи цела ноќ. Нели пукна зора - се осамна, достиска душа, не умре!Кога дојдоа изутрината бежињата, за чудо, Пејо еве ти го каде мртка на ќерамидите.
Слезе кутриот, се порастрча нагоре - надолу да му се пуштат дамарите, да се позатопли, и им отиде да им ги бара парите.Овие небаре се зачудија, па му велат:- А бре, Пејо, како остана жив ти ноќеска? Можеби навали оган на ќерамидите, што ли?Пејо почна да се брани, па им вели:- Mope ни оган запалив, ни ништо, туку давајте ги парите, не играјте си мајтап со мене, сиромав!
He, брате. Бежињата сакаат да измрдаат од облогот, а Пејо сака да си ги земе заслужените сто лири.
Почнаа да се расправаат: - Бре, си се греел негде!
- Бре, не сум ни видел оган.
- He, си се греел?
- Бре, јок.
Најпосле му падна на ум на едно од бежињата и го праша Пеја:
- Ама ич нигде не виде оган ноќеска, бре Пејо?
- А бре, агачко, видов таму негде во планината под Крушово, туку оттаму доовде колку е далеку?
- A, a, а, ах! - повикаа сите бежиња во еден глас.
- Ти си се греел, ќерата, цела ноќ, па сакаш од нас пари да земаш, а?
Ај, сиктер оттука да не ти ги скршиме коските.
Што ќе прави Пејо, сиромав. Си киниса, си заплака.
Се греел од триесет километри далечина. Но што ќе прави: кај е сила - нема правдина.
Оди време, оди, дојдоа истите бежиња на лов по Мариово и ги донесе ѓаволот и во Пејовото село. 
Бре ош, бре дрш. Пејо ги пречека како што се пречекуваат бегови, но му падна на ум нивната подигравка па си намисли да им врати мило за драго.
Ќе ги вика Пејо, денеска на ручек!Тие одвај дочекаа мувте ручек, се надеваа дека ќе падне и ракија, алва, и најмногу од се - белки Пејовица е млада да ги послужи.
И дојдоа кај Пеја. Се вртка, се шутка Пејо, домаќин е. Носи ракија, кафе и излегува понабргу да види дали е готов ручекот.
Помина дванаесет часот, ручекот уште не е готов.
Помина едниот, па двата, па трите, се стори ужина, ручекот од Пеја никако да втаса!
- Ајде бре, ќерата, Пејо, зошто не го носиш ручекот? - прашаа бежињата
.А Пејо се насмевнува под мустаќи и им вели:
- Уште малку, агачко, уште малку, беже, - и излегува почесто да види дали е печено телето.
(Така ги излага, дека ќе им пече теле).
Најпосле им се стемни на бежињата, ги сви цревцето за јадење и станаа да видат каде се пече или вари ручекот.
Кога го прашаа Пеја каде е ручекот, тој ги зеде по него и им вели:- Елате да видите!
- И ги одведе во градината под една топола.
Под тополата навален оган, а нигде нема ни котел да вари, ни ражен да се врти, ниту пак нешто да мириса на манџа.
- Каде е телето, бре пезевенк? - се разлутија бежињата на Пеја.
А Пејо одвај го дочека прашањето, па им вели:
- Ене го ене-е-е-е котелот од телето - и им го покажа со главата на врвот од тополата - туку уште малку не е доварено месото!
Бежињата се налутија и почнаа да се готват да го маваат што ги излага, па му вели едно од нив:
- Кога се видело и чуло, бре ќерата, на врвот од тополата месото, под тополата оганот, па да се свари?
- Ами како се греев јас, беже, од Прилеп, а огнот во Крушево?!
Парите, пезевенци низаедни, зашто сите сега ќе ве исколам - им се пофали Пејо и го извади од чорапот својот анџар, со кој си го тераше тромото магаре, дупејќи го во вратот.
Видоа не видоа, бежињата ги одврзаа ќесињата, му дадоа на Пеја сто лири и си тргнаа гладни, та дури во Прилеп.

субота, 14. јул 2012.

ШАРПЛАНИНЕЦ

Кучето три дена да го храниш - три години ќе те памети, а човекот три години да го храниш - за три дена ќе заборави.

Расата шарпланинец е автохтон расен тип на куче. Расата е создадена самостојно, природно и изворно без значително влијание на човекот. Тоа е и нејзината најголема предност и супериорност над останатите раси. Како претци на шарпланинецот се спомнуваат волкот и чакалот. Од некои извори се смета дека на нашиве простори е одомаќено во Х. век п.н.е. Најверојатни се претпоставките дека со миграциите дошол од Азија во Европа и на Балканскиот полуостров, заедно со преселба на номадските племиња. Во ФЦИ (светска кинолошка федерација) за прв пат е регистриран 1939 година под реден број 41. Планинските масиви со кои е опкружена Република Македонија (Шар Планина, Бистра, Стогово, Кораб и др.), со својата конфигурација на теренот, природните и климатските услови, генетски извонредно го стабилизираат шарпланинецот со што тој е во светскиот врв на генетски постојаните раси. Името шарпланинец го добил токму затоа, за да се распознае, одвои и разликува од другите раси. Меѓутоа, на тој спој помеѓу природата и шарпланинецот се вмешува човекот за да оствари употребни и екстериерни вредности на расата. Благодарејќи на човекот кој со својата негрижа и не внимание успева на шарпланинецот да му нанесе неправда и со него да манипулира на сите начини, па со децении го става во кинолошки заборав за да до пред некое време не се знае ни за неговото име. За прв пат за него се слуша во триесетите години од овој век. Сестраната употреба на шарпланинецот придонесе тој да се чува низ целиот свет. Разбирливо, најмногу се чува во Македонија (Тетово, Гостивар, Скопје, Прилеп, Битола) и Србија и Црна Гора. Во Европа најголем број на шарпланинци има во Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Финска, Италија и др.. Во светот исто така шарпланинецот се чува во Северна Америка, Канада и Австралија. Македонија е меѓу ретките држави во светот каде што кучето и човекот го носат во себе вековниот однос на дружба и соживот, а не на слугување и потчинетост. Шарпланинецот што оди со стадата овци не дозволува да го дресира овчарот. Тој учи од другите кучиња.
 Општ изглед и некои карактеристики
Пес со силна конструкција, работна кондиција, мирен темперамент, добродушен, по потреба доста остар, складно граден со добра поврзаност на телото, со височина над средните раси. Приврзан кон господарот, неподмитлив и бестрашен чувар на стада и имоти, отпорен на сите климатски услови во природниот амбиент. Минималната долна граница на височина кај машките единки е 64 cm, кај женските единки 58 cm. Масатакај машките единки е најмалку 40 кг, а кај женските единки е најмалку 35 кг. Должината на трупот е во просек од 8 до 10 % поголема од висината. Забалото е потполно и во вид на ножици. Очите се со облик на бадем, темнокостенлива боја, погледот е смирен и бестрашен. Ушите се во облик на буквата V, соборени и прилепени со главата. Градниот кош е длабок, градите се широки и мускулести. Обемот на градниот кош треба да е најмалку 20% поголем од височината. Опашката е долга, најмалку треба да го допира скочниот зглоб. Во коренот е силна, а кон врвот постепено се намалува. Прекриена е со густо влакно, а на долниот дел со долго влакно што ја прави раскошна. Шепите се силни со припиени прсти, ноктите треба да се темно пигментирани. Одот треба да е грациозен, со долги и лесни чекори. Најмногу сака да оди во среднодолг висок кас. Во галоп трча со долги и одмерени скокови. Влакното му е грубо и право. Под влакното има пократко, фино и многу густо подвлакно. Должината на влакното на гребенот не смее да биде пократко од 9 см. Бојата се движи од светло медова до темно железна боја. Белата, црната и црвената многу ретко се сретнуваат во популацијата.
                                                                                                                      Н. Савевски
Александар и неговото куче Перитас
Се претпоставува дека кучето на Александар Македонски - Перитас, бил шарпланинец. Античкиот историчар Плутарх во неговата биографија за Александар Македонски во еден пасус пишува дека кучето на Александар, кое се викало Перитас загинало бранејќи го својот господар и паднало смртно рането во скутот на господарот. Од благодарност на Перитас му бил подигнат град со неговото име. Според сочуваните скулптури, Перитас личи на денешниот шарпланинец.

ПИВО


 ПИВО
Пивото содржи толку голема количина на силициум што неговото конзумирање во умерени количини позитивно влијае на здравјето на коските. После анализата на количината на силициум во различни видови пиво откирено е дека најголема количина на овој хемиски елемент, околу 56 милиграма по литар, има во оние сорти пиво кои се подготвуваат од јачмен и хмел, додека безалкохолните пива имаат најмала количина на силициум. Силициумот е многу важен за развој на коскениот систем, така да умереното конзумирање на пиво може значително да помогне во превенцијата и лечењето на остеопорозата.
Со бањи од пиво се лекува псоријаза, целулит, акни и стрес, а се врши и регенерација на кожата, разни ментални дисхармонии, низок крвен притисок и ја подобрува циркулацијата.
Пивото содржи B комплекс витамини кои се неверојатно добри за кожата. Сепак, оваа бања не е погодна за луѓе кои имаат висок крвен притисок, после операција на срце, бремени жени по третиот месец од бременоста како и за деца под 12 години.
Пивото има голема прехрамбена вредност, а поради горките состојки го зголемува апетитот, но има и смирувачко дејство и го подобрува сонот.
Пивото се произведува повеќе од 6000 години. За неговото пронаоѓање постојат бројни легенди кои, меѓу другите, ги вклучуваат и египетскиот бог Озирис и нордискиот Один. Записи на глинени плочи потврдуваат дека Сумерците, жителите на некогашна Месопотамија, над 40% од своите житарици ги претворале прво во леб, а потоа од него произведувале пиво со кое ги плаќале физичките работници и државните службеници. Пијалок сличен на пивото се појавил најверојатно во периодот кога потребата од чување на храната го натерала примитивниот човек да ги меле из`ртените зрна на житарици, да ги формира во тесто и да ги суши, за да може да ги јаде кога ќе нема друга храна. Ги мелел отако ќе из`ртеле зашто сфатил дека така се многу подобри и повкусни. Се разбира, тогаш не знаел дека овие зрна имаат во себе состојки (ензими) кои овозможуваат разградба на состојките на зрното (скроб и протеини) и како такви се не само повкусни, туку полесно се варат и се поздрави. Добиеното суво тесто служело за јадење, но можело и да се дроби и меша со вода. Второво набрзо се покажало многу поинтересно зашто по релативно кратко време се добивале два мошне корисни производа: пијалок со пријатен вкус и мирис, со лековити својства, како и остаток драгоцен во подготвување на друга храна.
Денес се знае дека ферментираниот пијалок, кој се добивал со спонтано варење на раствор на шеќер и бил предвесник на денешното пиво, бил богат со витамини и минерали, а остатокот во форма на тесто (маја) е производ богат со квасови и протеини потребни за правење на леб.
 Денес пивото се опишува како пенлив, слабо алкохолизиран горчлив пијалок со арома на хмел. Меѓу другото, токму хмелот е состојката која го разликува првобитното пиво од современото кое низ историјата се менувало. Најмногу е усовршувано на  северот од Европа, каде што пивската култура денес е најразвиена. Комбинирано е со овошје и со ароматични треви, се принесувало како жртва на боговите, се користело во религиозни обреди, се консумирало како храна и како лек, се служело на гозби.
ЈАЧМЕН
ХМЕЛ
Денес за производство на пивото се доволни четири природни состојки: вода, јачмен, хмел и квасец. Пивото е производ на алкохолно вриење на пивската сладовина, а пивската сладовина е екстракт од исушениот јачмен, незасладените сировини и хмелот. Тоа е многу сложен и долготраен процес. Почнува со мелење и отстранување на јачмениот слад, со кој се создава екстрактот кој служи како хранлива подлога за ферментација со квасец. Потоа следува готвењето, ладењето и филтрирањето. Ферментацијата е последица на квасецот, а потоа следува одлежување и филтрирање на пивото. Дури потоа, може да се наполни во шишиња.
Индустрискиот развој на производството на пиво започнува дури на крајот од 19. век и во голема мера е последица на општиот развој на науката и технологијата.
Денес во светот постојат повеќе од 40 илјади видови пиво кои можат да се поделат во две основни групи: пиво со горна ферментација или англиски тип пиво и пиво со долна ферментација или континентален тип пиво.
Зборот „пиво“ (birra, bier, beer, biere) започнал да се користи помеѓу 6. и 7. век, кога почнал да се применува и хмелот. Во тоа време пивото се произведувало во манастирите. Хмелот, уште тогаш Германите го користеле како зачин во подготвување на медовина и увиделе дека е добар додаток на пивото. Дотогаш како зачин бил употребуван „грул“, мешавина на повеќе ароматични треви.
Според една од манастирските рецептури, пијалокот со темна боја монасите го подготвуваат во сад со волумен од 20-тина литри, во кој се сипаат 18 литри вода, 300г рама пропржен јачмен и 20 грама хмел. Од моментот на вриењето се готви 60 минути. Потоа во течноста се спушта врзана платнена вреќичка во која има една рака пченкарно брашно и готвењето се продолжува уште 60 минути.
Изладената течност се процедува низ ретка ленена ткаенина, се сипа половина литар мед и се меша додека не се растопи. Во млаката маса се растворуваат и 20 грама квасец, а потоа се остава на топло.
По завршувањето на ферментацијата пак се процедува и се сипа во шишиња кои треба да се затворат херметички. По два- три дена пијалокот може да се користи, најдобро разладен.
Ако го следите пивото низ историјата, во истовреме ја следите историјата на човештвото воопшто. У ште од најраните цивилизации, пивото како напиток може да се сретне кај многу народи. Дар од боговите за едни, лековит напиток за други цивилизации.
Низ историјата, консумирањето на пиво и самиот ритуал околу него завзема повеќе форми. Египќаните пиеле пиво од големи садови со сламка направена од трска, Германците донеле закон според кој криглите морале да имаат капак за пивото да се заштити од муви за време на епидемијата од чума.

ИСТОРИЈА НА ПИВАРСТВОТО

Прва цивилизација која се занимавала со пиварство се Сумерците, произведувајќи го „божествениот пијалок“ кој им го нуделе на своите богови.
Во „Епот за Гилгамеш“, напишан 3.000 години пред Христа, се зборува за важноста на лебот и пивото при разликувањето на примитивен од културен човек. Се разбира, културниот човек знаел за што служат лебот и пивото, а примитивниот не. За примитивниот да стане културен човек, морал да научи да јаде леб, но и да испива пиво за да ги измие сите свои примитивни особини.
Наследници на Сумерците биле Вавилонците, 2.000 години пред Христа. Денес знаеме дека Вавилонците знаеле да произведат 20 различни видови на пиво, од кои 8 биле од пченка, 8 од јачмен и 4 од мешавина на тие два вида на житарици. Своето пиво Вавилонците го извезувале дури во Египет, 1.000 km далеку. Се разбира, во тоа време пивото не се продавало за пари, туку се вршела размена на добра- пиво за житарици (најчесто јачмен).
Египтјаните ја продолжиле традицијата на пиварство, исто така користејќи непечено тесто за леб за добивање на пиво. Ваквиот начин на правење на пиво се сочувал до денес кај селаните кои живеат во долината на Нил. За важноста на пивото во Египет говори и фактот дека имале и посебен хиероглиф за тој поим.
Старите Римјани се занимавале со пиварство додека не одлучиле дека виното би требало да биде божествен пијалок. Оттогаш во Римското царство се произведува и пие исклучиво вино, а пивото се смета за одвратен варварски (тевтонски) пијалок, па го нема во границите на царството.
Доказ за пиварство од 800 години пред Христа е пронајдената пивска амфора на просторите на денешна Германија, кај градот Кulmbach во Баварија.
Неколку стотици години по Христа пивото станува комерцијален артикл. На тоа во прилог му оди пронајдената кригла на некој стар пивар, кај градот Трир, на југозапад на Германија.
На старите Германи пивото им служело не само како жртва на боговите (како кај Египтјаните), туку го произведувале и за сопствено уживање. За важноста на пивото кај старите Германи говори и фактот дека во старата финска сага „Калевала“ 400 стихови му се посветени на пивото, а само 200 се испишани за создавањето на Земјата. Според норвешкиот еп „Еди“, виното било пијалок на боговите, а пивото им припаѓало на смртниците.
Во првите столетија од новата ера, со печење на леб и подготвување на пиво се занимавале исклучиво жените, и тоа се задржало се до средниот век, кога пиварењето станува најмногу работа на манастирските редовници.
Пивото не е сметано за пијалок со кој би се кршел постот, па секогаш се послужувало при оброците. Секој редовник смеел дневно да испие до пет литри пиво. Со време почнале да произведуваат повеќе отколку што им требало, па и го продавале. Белгиските редовници биле првите кои почнале да го користат хмељот за добивање на пиво. Развиле совршена технологија на пиварење, а бидејќи биле први во тоа, не морале да ги плаќаат вообичаените даноци на пиво. Пивото било добро, евтино и мошне барано. Тоа се покажало како проблем на средновековната властела, оти продажбата на она „оданоченото“ пиво опаднала, а од редовничкото пиво не се полнела нивната благајна. Тоа довело до забрана на работа и затворање на голем број на средновековни редовнички пабови.
Во тоа време често би се случувало ферментацијата да појде „по злото“ и да не се добие очекуваниот резултат и квалитет на пивото. Бидејќи никој не знаел да објасни зошто се случува тоа, се појавиле и верувања дека е тоа резултат на гатање на пиварски вештерки. Многу жени биле прогласувани за пивски вештерки и потоа спалувани, а последното такво спалување е забележано во 1591-ва година.
Откако хмелот станал вообичаен во пиварството, баварскиот војвода Вилхелм IV во 1493-та година издава Закон за чистота на германското пиво, во кој се зборува дека за добивање на пиво може да се користи само јачмен, хмел и чиста вода. Во тоа време се уште не се знаело за квасецот, па процесот на ферментација се потпирал на- случајот.
Денес тој закон за чистота на германското пиво е најстариот закон за храна на светот.
Два мошне важни изума резултирале со револуција во пиварството. Првиот бил парната машина на Џејмс Ват (1765-та), а вториот ладилникот на Карл фон Линде (1873-та). Во тоа време веќе било научно докажано дека за добивање на добро пиво е потребна одредена температура. Во повеќето случаи тие потребни температури природно се појавувале зиме, а со појавата на ладилникот квалитетно пиво можело да се добие и лете. Првиот таков систем на ладење е применет во пиварницата во Минхен.
Откако Луј Пастер во 19-от век ги разјасни процесите на пастеризацијата и го запозна светот со квасните габички, станало јасно дека средновековните пивски вештерки всушност биле жртви на несанитарни услови на пиварење и на небрежните пивари.
Во модерно време дрвените буриња, во кои се ферментирало и се чувало пивото, речиси во целост се заменети со метални. Причините за тоа биле полесното чистење, како и полесното отворање и затворање (првенствено за вработените во баровите и пабовите).