МАКЕДОНИЈА - РИЗНИЦА НА ЗДРАВА ХРАНА
ДОМАТИ
Доматот за Европејците бил непознат се додека Шпанците не го донесле од Америка во 15 век. Во тој период доматот не бил прифатен поради непријатната миризба на листовите и стеблото и се сметал за отровно растение, што во суштина и е, но неговите плодови не само што не се отровни туку се многу корисни и хранливи и изобилуваат со многу полезни супстанции. Доматот се вбројува во најраспространети градинарски култури и е застапен во сите кујни низ светот. Се користи свеж, како салата, варен или конзервиран. Има многу мала енергетска вредност (во 100 g домати 114 kJ или 25 kcal) што е разбирливо поради неговиот состав (94 % вода, 4,7 % јаглехидрати, малку белковини и масти). Многу е богат со витамини и минерални соли. Изобилува со витамин C, со витамини од групата B (B1, B2, B3, B6), витамини E, K, PP и каротин кој во црниот дроб се претвора во витамин А. Од минералните соли најмногу содржи натриум, магнезиум, калциум и железо, а по малку има бакар, кобалт, никел и радиум. Доматот содржи и многу органски киселини и пектини кои го подобруваат апетитот, ги активираат пробавните процеси и го спречуваат негативното дејство на бактериите. Модерната прехрамбена индустрија во изобилство ги користи биохемиските својства на доматот и неговите кулинарски предности, па во продажбата може да се најде најширок асортиман на производи од доматите: пире, кечап, салца, сок, а во мноогуте производи доматот е незаменлив додаток и зачин. Доматот не е признат како лековито растение, но многу поволно дејствува на многуте болести. Го зголемува лачењето на водата од организмот, добро влијае на срце и крвните садови, го намалува крвниот притисок, ја регулира столицата и др. Се препорачува на дијабетичари зошто ја поттикнува работата на штитната жлезда. Ниту една диетна кујна не може да се замисли без доматот во било која форма, особено свеж. ВИ ПРЕДЛАГАМ ДА ЗГОТВИТЕ
КЕЧАП
Потребни состојки:
- 2 kg црвени пиперки;
- 1/2 kg лути пиперки;
- 6 kg домати;
- 3 главици кромид;
- 2 - 3 ливчиња дафинов лист;
- 300 ml масло;
- 1 лажица шеќер;
- сол по вкус;
- 3 лажички бибер;
- 2 лажици сенф.
Приготвување:
Пиперките, доматот, кромидот и дафиновиот лист се варат 2 часа и се пасираат. Во садот се ставаат маслото, шеќерот, сота, биберот и повторно се ставаат на оган и се вари додека не згусне, а на крај пред да е готово се става сенфот. Варениот кечап се става врел во врели тегли или шишиња кои веднаш се затвораат.
ПОЛНЕТИ ДОМАТИ
Потребно:
12 помали домати, 8 топчиња моцарела сирење, 75 g туна од конзерва, 100 g зелена боранија, сечкан магдонос, сечкани бадеми, 1 младо кромидче, лимон, 4 лажици мајонез, 120 g ракчиња од конзерва, 1 жолта пиперка, 1 зелена пиперка, 1 младо лукче, 4 ливчиња босилок, 4 ливчиња нане, 1 лажица копар, маслиново масло, табаско сос, сол.
Приготвување:
Измијте ги доматите, исечете им го горниот дел со петелката и зачувајте ги. Издлабете ги доматите со лажичка, внимавајќи да не го дупнете дното од доматите. Внатрешноста на доматите малку посолете ја и превртете ги да се цедат 1/2 час. Во меѓувреме измијте ја и исчистете ја боранијата. Исечкајте ја на парчиња долги 1 cm и варете ја 5 min во солена вода, па веднаш изладете ја под млаз студена вода. Во сад ставете ја боранијата, исцедената туна, 1 лажичка исечкан магдонос, сок од половина лимон, бадемите и младото кромидче исечено на тркалца. Исцедете ги ракчињата,исечкајте ги на парченца и измешајте ги со пиперките ситно исечкани, ситно исечкани перца од младиот лук, мајонез, табаско сосот и солта и сето тоа добро измешајте го. Моцарела сирењето исечете го на парчиња и ставете го да се цеди 15 min. Босилекот и нането исечете ги на тенки резанки, па измешајте ги со моцарела сирењето, копарот, солта и на крај прелијте ги со малку масло. Четири домати полнете ги со смесата од туна и боранијата, другите четири домати полнете ги со смесата од ракчињата и пиперките, а преостанатите четири со салата од моцарела сирењето. Доматите поклопете ги со сопствените капачиња, прекријте ги со фолија и оставете на ладно за да се спојат вкусовите, па потоа послужете ги.
ЧОРБА ОД ДОМАТИ
Потребни состојки за 10 порции: 1 kg домати или 0,2 kg салца, 150 ml масло, 0,08 kg брашно, 0,1 kg кромид, 0,08 kg морков, целер, пола корен пашканат, 0,1 kg ориз, лорбер, бибер, сол и шеќер. Се сечка зеленчукот (кромид, морков, целер, пашканат, магдонос) и се пржи, а потоа се додава лорбер, бибер во зрно, сол, можат да се додадат и разни окрајци од суви меса но не е задолжително. Кога зеленчукот е пржен се додава брашно, а кога се упржи и брашното се додава салца или варени свежи домати и се вари на тивок оган 30 min. Се трга од оганот и се пасира. Пасираната чорба се става повторно да зоврие при што по вкус се додава мелен бибер, малку шеќер и сиров путер. Кога се сервира се додава варен ориз или некои варени тестенини.
Нема коментара:
Постави коментар