Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

среда, 11. новембар 2026.

Nature-based solutions: Training approaches for educators and teacher trainers

 

Nature-based solutions: Training approaches for educators and teacher trainers

“Решенија засновани на природата: пристапи за обука на наставници и едукатори” 

е едукативна обука наменета за професионален развој на наставниците, со посебен акцент на интегрирањето на еколошкото образование и одржливиот развој во наставниот процес. Главната цел на обуката е да им помогне на наставниците да го разберат значењето на решенијата засновани на природата (Nature-Based Solutions - NBS) и да стекнат практични знаења и вештини за нивна примена во училишната средина.

Преку презентации, дискусии, групна работа, размена на искуства и практични активности, учесниците истражуваат како природата може да понуди решенија за современите еколошки предизвици, како што се климатските промени, намалувањето на биодиверзитетот и деградацијата на животната средина. Посебен акцент е ставен на осмислување и планирање еколошки проекти што можат да се реализираат во училиштата и да се поврзат со различни наставни предмети.

Обуката промовира современи педагошки пристапи, како што се проектно и истражувачко учење, учење преку соработка и учење во природа. Преку користење дигитални алатки како Padlet, Kahoot и Google Forms, наставниците имаат можност да разменуваат идеи, заеднички да развиваат проекти и да ги презентираат своите предлози.

Особено значајно е поврзувањето на обуката со европските рамки за компетенции GreenComp и DigComp, преку кои се поттикнуваат еколошката свест, одговорниот однос кон природата, одржливото размислување, дигиталната писменост и способноста за заедничко решавање проблеми.

Обуката претставува можност наставниците да ги збогатат своите професионални искуства со нови идеи и применливи методи, да ја направат наставата поинтерактивна и поврзана со реалниот живот и да ги мотивираат учениците да станат активни и одговорни учесници во создавањето поздрава и поодржлива животна средина. Нејзината најголема вредност е во тоа што не останува само на теоретско запознавање со еколошките концепти, туку ги охрабрува наставниците да ги претворат знаењата во конкретни активности и проекти во своите училишта.

Innovative teaching for climate solutions

 


Innovative teaching for climate solutions

Сценарио на тема:
The Role of the Carbon Act in the Fight Against Climate Change

Улогата на Законот за јаглеродот во борбата против климатските промени. 

Ова е еден од оние образовни проекти кои покажуваат дека наставата може да биде многу повеќе од усвојување знаења од учебниците. Преку ова наставно сценарио, учениците на возраст од 10 до 14 години имаат можност да ја истражуваат поврзаноста меѓу климатските промени, емисиите на CO₂ и значењето на законските мерки за заштита на животната средина.

Посебно внимание е посветено на активното учество на учениците преку истражување, дебати, тимска работа и креативни активности. Тие ги споредуваат пристапите на различни земји, дискутираат за влијанието на еколошките закони врз општеството и економијата и предлагаат сопствени идеи за намалување на емисиите и загадувањето.

Голема вредност на моето завршно  сценарио е примената на дигитални алатки како Padlet, Sway и Wakelet, кои ја прават наставата поинтерактивна и им овозможуваат на учениците креативно да ја пренесуваат еколошката порака. Преку интеграцијата на природните науки, екологијата, дигиталните компетенции и критичкото размислување, учениците развиваат свест за сопствената улога и одговорност во заштитата на планетата.

Секое наставно сценарио од сите чесници е прекрасен пример како знаењето може да се претвори во свесност, идеи и конкретни иницијативи. Пораката е едноставна, но многу важна: заштитата на животната средина започнува со информирани, одговорни и активни млади луѓе.

субота, 9. август 2025.

Крушница - душа на Босанска Крупа


Во Босанска Крупа – градот познат по својата недопирлива убавина, едно од најволшебните места во Босна и Херцеговина - тивко и спокојно тече реката Крушница.

Крушница е десна притока на реката Уна и нивната поврзаност е како танц на две души што се наоѓаат. Се среќаваат трипати: најпрво, Крушница го прегрнува ракавецот Унаџик – токму под старата тврдина. Потоа, неколку стотини метри подолу, се соединува со уште еден крак на Уна, додека конечно не се слеат во едно на спротивниот брег од градот. Таа игра на двете реки создава низа речни ади – островчиња кои му даваат на градот нота на тајновитост, магија и живописен шарм. Крушница е долга 6,5 километри, широка од 15 до 30 метри, со длабочина што се движи меѓу 5 и 7 метри. Нејзината вода е бистра, тивка и питома – како стакло што го одразува небото.

На 6,5 километри од градскиот центар се наоѓа изворот на Крушница – уредено и многу популарно излетничко место наречено Крушничко врело. До него водат повеќе патеки – идеални за пешачење и возење велосипед низ природа. Од таму, јавната комунална фирма „10. Јули“ организира еколошки пловидби со електрична лаѓа, која носи до 20 патници на патување низ реката. Турата од центарот на Босанска Крупа до изворот трае околу еден час - час исполнет со мир, убавини и чувство дека си дел од нешто многу поголемо и подлабоко од секојдневието. 

Крушничко врело е совршено место за одмор и поврзување со природата. Гостите тука можат да уживаат во прошетки, планинарење, фотографирање, па дури и само во седење и слушање на тишината. Долж патеките се поставени клупи - места за здивнување каде што душата вдишува, а мислите се прочистуваат. Крушница не е голема по должина - но е огромна по тоа што го нуди. Таа плени со својата тишина. Кога се спојува со Уна - нејзината едноставност станува неодолива убавина, нејзиниот мир станува сила. Кога ќе се допре со човекот - се претвора во вистинско природно чудо што заслужува да биде чувано и сакано. А она што ја прави целата приказна уште поспецијална се прекрасните сплавари, топлите и гостопримливи локални жители, кои со насмевка и отворено срце ќе ве натераат да посакате едно нешто – да се вратите повторно во овој мал дел од земниот рај.





петак, 22. март 2019.

“Светот на образованието ги брише границите”


“Една книга, еден молив, едно дете и еден учител можат да го променат светот” – кажала Малала Јусуфзај ученик од Пакистан најмлад добитник на Нобеловата награда за мир. 

Јас би додала : Две учителки од просторите на некогашна Југославија (Жељана и Весела) можат да создадат асоцијација на најдобри наставници, со цел да се овозможи ефикасно обединување, вмрежување и соработка на сите ентузијасти кои се подготвени  да ја променат сликата на образованието и да го подигнат угледот на професијата наставник......

На сам ден Летник (или Ксантика) празникот  на љубовта, пролетта и природата се случи голем настан.
Асоцијацијата на најдобрите наставници на EX-YU ja организираше првата регионална конференција “Светот на образованието ги брише границите”. 

Ден 1, (1 март)  гостите од Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија го посетија Основното општинско училиште „Димитар Миладинов“, матичното училиште на Аида Петровска, еден од најдобрите македонски наставници каде се запознаа со формалното образование во Македонија.
Гостите се запознаа со нашите древни обичаи, беа пречекани со погача и сол и земаа учество во работилницата за изработка на мартинки за среќа и за крај заедно засадивме јасеново дрво во училишниот двор. 
Попладне го посетија ДКЦ Скопје каде се запознаа со неформалното образование и позитивните влијанија кои произлегуваат од него.


Вториот ден беше посетена Кинотеката на Македонија, каде присуствуваа на предавања и дебати на неколку интересни теми:

1. Предности кои произлегуваат од вмрежувањето на наставниците.

2. Социјалните мрежи и достапноста на примери на добра наставна пракса, инспирација или замка.

3. Ентузијазмот во образованието, предност или мана?

4. Лидерство во образованието за афирмација на наставничката професија.

По предавањата и дебатите, на 40 најдобри наставници од некогашните југословенски простори им се доделија плакети.


Најдобрите наставници  од Македонија се:
Добри Јовевски, Ѓорѓина Димова, Јадранка Клисарова, Маја Виденовиќ, Павлинка Вељановска, Соња Даниловска, Стојанка Дудучки, Светлана Јосифоска, Весна Гагаловска и Аида Петровска.

Најдобрите од Македонија им ја предадоа “ѕвездата на образование”
на своите колеги од Црна Гора кои во мај ќе бидат домаќини на следната средба за најдобри наставници во регионот.

Најдобрите наставници од Црна Гора се :

Душанка Вујичиќ,   Крсте Вуковиќ,  Љиљана Ражнатовиќ, Марина Андрејевиќ Петровиќ, Мирсада Бибиќ Саботиќ, Невенка Вулиќ, Оливера Лековиќ Драгиќ, Оливера Оља Лучиќ, Сава Ковачевиќ,  Сенада Ѓешевиќ и Сњежана Перуќица Бошковиќ.















недеља, 10. фебруар 2019.

Innovate your Dreams 2019

Меѓународен проект "Innovate Your Dreams 2019"
Целта на проектот е да им помогне на учениците да разберат и да се подготват за интересите на иднината. Проектните активности траат 7 недели.
Многу инспиративно, креативно и забавно.