Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

понедељак, 4. август 2014.

Црква „Свети Пантелејмон“ во село Горно Нерези


Манастирот „Свети Пантелејмон“ со истоимената црква се наоѓа во селото Горно Нерези на планината Водно на 8 километри југозападно од Скопје. Комплексот е ограден со високи ѕидови а во него се наоѓаат манастирската црква и конаците. Црквата според своите димензии можеме да ја ставиме во помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор односно композиција со слободен крст. За градењето на црквата бил употребен обичен кршен камен изваден од околината на манастирот и тули кои со големо мајсторство биле претворени во полихромни површини што придонесува објектот да изгледа како да израснал од една монолитна стена која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи. Црквата е пуштена во употреба во 1164 година во 12-от век а ктитор бил византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј I Комнеј. За тоа дека црквата била изградена во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата на кој што пишува: Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господин Алексеј Комнен син на перфирородната госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година при игуменството на Јоанакиј монах. Во 1555 година се случил голем земјотрес каде централната купола е целосно уништена а кон крајот на 16-от век е обновена. При повторното градење на црквата се настојувало таа да биде идентична на првата со тоа што зографите се воделе од зачуваните композиции и така во возобновиле живописот. Манастирот внатре се состои во два дела, првата и втората зона што е во сина боја датира од 12-от век а горниот дел е кон крајот на 16-от век. При вториот земјотрес кој што ја погодил оваа црква во катастрофалниот земјотрес во 1963 година настанати се поголеми оштетувања. Штети настанале во фрескоживописот а иконостасот кој бил од мермер и дрво бил целосно уништен. Од тој иконостас денес се зачувани само остатоци од средните два столбови и горната плоча од 12-от век. Комплетната гравура датира од 12-от век додека левиот дел кој е посветен на Пресвета Богородица има делумни остатоци од мермерниот дел од 12-от век. Во втората половина на 19-от век врз постариот живопис бил насликан нов но истиот бил откриен и од 1926 година до денес стои поголем дел од стариот живопис. Над цоклата која имитира разнобојни мермерни плочи во првата зона се насликани фигури на светители во целосен раст. Во просторот на олтарот по столбовите и на ѕидовите на црквата насликани се допојасни претстави на светители во медаљони меѓу кои се истакнуваат ликовите на светите врачи Кузман и Дамјан. Во источниот дел на црквата на челната страна во посебни копаничарски обработени штукатурни рамки украсени со орнамент од преплет на лозница со широки листови и стилизирани пауни се насликани од едната страна патронот на црквата Св. Пантелејмон а од другата страна Св. Богородица со малиот Христос во раце. Во оваа композиција Св. Пантелејмон е претставен како висок, нежен и облагороден младич кој што во десната рака држи скалпел а во левата рака кутија за лекови. Овие фигури се целината со камениот иконостас од кој до денес останати се само: архитривната греда, еден столб со капител и дел од парапетна плоча. Има разни теории за тоа колку мајстори го работеле живописот меѓу кои и таа дека биле четворица или петмина и дека главниот мајстор е од Цариград. Неговата вешта рака го создала живописот во најодговорните и најосветлените делови во црквата а денес од нив зачувани се композициите: Сретение, Преображение, Лазарево воскресение, Раѓање на Св. Богородица, Воведение на Св. Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, Симнување од крстот и Оплакување Христово. Живописот во црквата е дело на двајца главни мајстори кои се разликуваат меѓусебе не толку според цртежот колку според колоритот. Вториот зограф бил всушност најблискиот помошник на главниот мајстор и за него се знае дека ја работел композицијата Евхаристијата или Причестувањето на апостолите и некои од ликовите на светите воини што се забележува од тоа дека работел во помалку сигурен манир и слика со нешто поразводнети бои. Сепак врвно дело на главниот зограф се композициите: Оплакување Христово и Симнување од крст. Првата композиција е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на црквата. Но оваа композиција се разликува од останатите затоа што во прв ред е нагласено истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Нејзиното лице покажува израз на длабока болка а погледот и е вперен кон лицето на мртвиот син кого пак го држи во драматична прегратка. Со оваа композиција се докажува дека нерешките мајстори создале галерија на врвни достигнувања во Македонија од времето кога Комнените пристигнале до нас. Чувството кое ќе го добиете кога ќе пристигнете во манастирскиот комплекс и кога ќе запалите свеќа во манастирската црква е единствено и неповторливо. Со овој манастир управува Синодот на МПЦ а во него задолеженото лице ќе ве пречека љубезно и ќе ви ги каже сите информации за самата црква и за светецот Св. Пантелејмон на кого е посветен комплексот. Впечатокот е уникатен и единствен и секој оној кој ќе посака барем на кратко да избега од гужвата во Скопје може да го стори тоа во овој Божји храм и да го побара својот душевен спокој и мир.

                                                 (Македонска нација)

петак, 25. јул 2014.

СТАРА СКОПСКА ЧАРШИЈА



Старата скопска чаршија се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Кале до реката Серава. Отсекогаш била атрактивен простор за сите патеписци и посетители на Скопје во минатото.

Турскиот патеписец Евлија Челебија, при неговата посета на Скопје во 1660-61 година забележал:
„Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (Памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Алеп.“

Првите податоци за постоењето на чаршијата датираат од 12-ти век, а во тоа време кога Македонија била под власт на Отоманската империја, на неа се наоѓале џамии, сараи и анови, како и други турски споменици.
Чаршијата претпрела огромни шети со земјотресите во 1555 и 1963 година, пожарот во 1689, како и двете светски војни. Повеќе пати била обновувана.

Од Византискиот, од Отоманскиот, па и од перидот на српската власт во Македонија, знаменитости кои биле изградени некогаш, а се’ уште ја красат чаршијата се Капан ан (денес преуреден во пивница и национален ресторан на долниот спрат, како и ноќен клуб на горниот), Куршумли ан, Даут-пашин амам (умтничка галерија), Чифте амам (уметничка галерија), црквите Св. Спас и Св. Димитрија, манастирот Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник , вилаетскиот конак „Уќимат“, старата турска пошта, безистенот, Камен мост и тврдината Кале. Изграден е и Музејот на Старата скопска чаршија.

недеља, 9. фебруар 2014.

Ханс Кристијан Андерсен


Ханс Кристијан Андерсен се родил на 2 април 1805 година во местото Оденсе во Данска, како син на сиромашен столар и неписмена мајка. Татко му повеќе ја сакал уметноста отколку занаетот, на синот му читал комедии, бајки и секој слободен миг го користел за на синот да му прави дрвени кукли. Кога татко му умрел, Кристијан имал само 11 години. Неговите дела се преведени на повеќе од 80 јазици и беа инспирација за создавање многу театарски и балетски претстави, филмови, скулптури и слики. Во Данска го сметаат за творец на реалистичната приказна. Во светот го сметаат за крал на бајките. Мачно се пробивал до литературната афирмација. Без редовно школување и без пари, на 14-годишна возраст се упатил за Копенхаген за да посетува актерско училиште со балет и пеење. Иако бил чуден во изгледот и однесувањето, со својот шарм успеал да ги придобие симпатиите од многу богати семејства, а пред сè од семејството Колин. Џонас Колин бил директор на Кралскиот театар и многу му помогнал на Андерсен додека овој работел за него во текот на школувањето. Со помош на својот покровител, Андерсен успеал да ги заврши гимназијата и студиите на универзитетот. Во почетокот пишува проза и поезија. Првото дело, „Пат пеш од Холменски канал до историскиот крај Амагер“ е слабо прифатено, но благодарение на него отпатувал во Германија и Италија. Така почнуваат прочуените патувања на Андерсен на кои ги поминал речиси сите европски земји. Патувал и по Азија и Африка и цело време пишувал. По повод посетата на Велика Британија, бил гост на Чарлс Дикенса, кој за Андерсен не стекнал добро мислење, опишувајќи го како ситничок хипохондрик. Романот „Импровизатор“ од 1835, година, кој го напишал по патувањето низ Италија, осликувајќи ја борбата на младиот писател за афирмација преку богати описи на италијанскиот народен живот, предизвикал воодушевување и веднаш е преведен на неколку странски јазици. Но кога се појавиле неговите бајки, по кои денес е славен, ни публиката ни критиката не обрнале внимание на нив, иако тие се тоа што Андерсен најдобро го напишал и поради што влезе меѓу најпознатите имиња на светската литература. Приказните или бајките на Андерсен во почетокот биле весело прераскажување на тоа што го слушнал во детството, а подоцна и сам ги создавал. Во нив фантастичното, легендарното и митското се спојува со непосредниот, вистински свет. Интересна фантастика од една страна, најмногу под влијание на Хофман, а од друга страна наивност и свежина на народното творештво. Приказните на Андерсен се ширеле се побрзо преку преводи, кои најчесто биле следени со илустрации од тогаш најдобрите мајстори. Иако бајките имале корен во народните приказни, и во верувањата на фолклорот воопшто, во својот израз и промисленост останале оригинални творби на овој писател, кој во своите дела ги оживува предметите и ги пишува своите дела еднакво и за возрасни и за деца. По животот исполнет со богата и плодна литература и патувања, Ханс Кристијан Андерсен умира на 4 август 1875 година во Копенхаген, како почесен професор и почесен граѓанин на Оденс. Во својата автобиографија си го опишува животот како „убава приказна, богата и среќна“ зборувајќи дека не можел да има подобра судбина од таа каква навистина имал.  (С.Спасиќ)
Грдото пајче

субота, 8. фебруар 2014.

Вашингтон Ирвинг (Washington Irving - 3 април, 1783 – 28 ноември, 1859) бил американски писател, есеист, биограф и историчар од раниот 19 век. Најпознат е по раскази „Легендата на Заспаната Долина“ и „Рип Ван Винкл“, кои се дел од неговата книга „Книгата на скици на Џефри Крејон, Гент“. Неговите историски дела ги вклучуваат биографиите на Џорџ Вашингтон, Оливер Голдсмит и Мухамед, како и неколку истории на Шпанија во 15 век, кои обработуваат теми како Кристофер Колумбо, Маварите и Алхамбра. Ирвинг, исто така, бил американски министер на Шпанија во периодот 1842 – 1846 година.
Дебитирал во литературата во 1802 година со низата набљудувачки писма испратени во Утринска хроника, напишани под псевдонимот Џонатан Олдстајл. Откако се преселил во Англија поради семејниот бизнис во 1815 година, постигнал интернационална слава со издавањето на Книгата на скици на Џефри Крејон, Гент во 1819 година. До крајот на животот продолжил постојано да издава свои дела, претежно успешни, и напишал биографија за Џорџ Вашингтон во пет тома, само осум месеци пред неговата смрт на 76 години, во Теритаун, Њујорк.
Ирвинг, заедно со Џејмс Фенимор Купер, бил меѓу првите американски писатели признаени и во Европа, а поттикнал и автори како Натаниел Хоторн, Херман Мелвил, Хенри Водсворт Лонгфелоу и Едгар Алан По. Како првиот вистински меѓународно докажан автор, Ирвинг се заложувал за пишувањето како легитимна професија и расправал за посилни закони за заштита на авторските права на американските писатели.