Реката се запознава со пливање, а човекот со разговор.

недеља, 8. јул 2012.

Интервју со Тесла од 1899 година


Јас сум поразен човек!
новинар: Џон Смит

Не го остварив најголемото што можев. Сакав да ја осветлам целата Земја. Во неа има доволно електрицитет да стане второ Сонце. Светлоста би сјаела околу екваторот, како прстен околу Сатурн – рече најпознатиот српски научник Никола Тесла.
Футуристите велат 20 и 21 век се родени од главата на Никола Тесла. Тие го слават ротирачкото магнетно поле пеејќи химна на индукцискиот мотор. Нивниот творец го нарекуваат ловец што во својата мрежа ја фатил светлината од длабочината на земјата, воин што го заробил огнот од небото. Таткото на наизменична струја ќе направи хемијата и физиката да завладеат половина свет. Индустријата ќе го прогласи за свој врховен светец, а банкарите за најголем добродетел. Во лабораторијата на Никола Тесла првпат беше скршен атомот. Тука се создаде оружјето што преку вибрации предизвикува земјотрес. Тука е откриен и црниот вселенски зрак. Пет раси ќе му се молат во Храмот на иднината, затоа што им ја откри големата тајна дека елементите на Емпедокле се полнат со животните сили од Етерот.
Тесла: Да, тоа се некои од моите поважни откритија. Сепак, јас сум поразен човек. Јас не го оставив најголемото нешто што можев.
Што е тоа, господине Тесла?
Тесла: Сакав да ја осветлам целата Земја. Во неа има доволно електрицитет за да стане второ сонце. Светлината би сјаела околу екваторот, како прстен околу Сатурн. Човечкиот род не созреал за големо и добро. Во Колорадо Спрингс ја напоив Земјата со електрицитет. Исто така можеме да ја напоиме и со други енергии, како што се позитивните психички енергии. Тие се во музиката на Бах или на Моцарт, или во стиховите кај големите поети. Во Земјината внатрешност постојат енергии на ведрина, мир и љубов, нивните изрази се цветот што расте од земјата, храната што ја добиваме од неа, и сето она што од неа прави човечка татковина. Поминав години барајќи начин на кој тие енергии би можеле да влијаат врз луѓето. Убавината и миризбата на розата може да се земат и како лек, а сончевите зраци како храна. Животот има бесконечен број видови, а должноста на научникот е да ги пронаоѓа во секоја форма на материјата. Три нешта се важни во тоа. Сè што правам е потрагата по нив. Знам дека нема да ги најдам, но нема ни да се откажам од нив.
Кои се тие нешта?
Тесла: Едно е прашање за храната. Со која ѕвезда или земска енергија да се нахранат гладните на Земјата? Со кое вино да се напојат сите жедни, па срцето да им се развесели и да сфатат дека се богови? Второто нешто е – како да се уништи енергијата на злото во која минува човечкиот живот? Таа енергија понекогаш се јавува како епидемија од длабочината на космосот, во овој век тие болести од Земјата се проширија во вселената. Третото нешто е – постои ли во вселената вишок на светлина? Јас открив ѕвезда што, по сите астрономски и математички закони, може да исчезне, а навидум ништо да не се смени. Таа ѕвезда е во оваа галаксија. Нејзината светлина може да се збие до таква густина што да се собере во сфера помала од јаболко. Религијата и филозофијата учат дека човекот може да стане Исус, Буда и Заратустра. Тоа по што јас трагам е полудо, поголемо и поневозможно. Тоа е – што да се направи за во вселената секој човек да се роди како Исус, Буда и Заратустра. Знам дека гравитацијата е наклонета кон сè што треба да лета и мојата намера не е да направам летала (авион или ракета), туку на човекот да му ја вратам светлоста за неговите сопствени крила. Понатаму, се обидувам да ги разбудам енергиите што се наоѓаат во вакумите. Вакумите се најголеми извори на енергија, тоа што се смета за празно само е манифестација на неразбудената материја. Нема празнина на Земјата, ниту во вселената. Во црните дупки, за кои зборуваат астрономите, се наоѓаат најмоќните енергии и извори на живот.
На прозорецот на вашата соба во хотелот „Валдорф –Асторија“ на 33-от кат, секое утро слетуваат гулаби.
Тесла: Човекот мора да биде сентиментален кон птиците. Тоа е поради нивните крила. И тој некогаш ги има, вистински и видливи!
Не престанавте да летате уште од оние дамнешни денови во Смиљане!
Тесла: Сакав да полетам од покривот и паднав: погрешни детски процени. Не заборавајте, момче, крилата се сè во животот!
Никогаш не се оженивте. Не е позната ниту една ваша љубов кон некоја жена. Фотографиите од младоста ве покажуваат како еден исклучително убав човек.
Тесла: Не, не сум. Постојат два пата – многу или нималку секс. Средината служи за обновување на човечкиот род. Премногу секс кај извесни луѓе ги потхранува и зајакнува виталноста и духот. Кај други луѓе тоа исто го прави воздржувањето од сексот. Јас го одбрав тој втор пат.
Вашите почитувачи жалат што ја напаѓате теоријата на релативноста. Чудно е Вашето тврдење дека материјата нема енергија.
Тесла: Најпрво била енергијата, потоа материјата.
Господине Тесла, тоа е како да кажете дека Вие сте го родиле Вашиот татко, а не тој Вас.
Тесла: Токму така стојат работите со раѓањето на вселената. Материјата е создадена од првобитната и вечна енергија, која ја знаеме како светлина. Засветела и се појавиле ѕвездите, планетите, човекот и сè што е на Земјата и во Универзумот. Материјата е израз на бесконечните видови светлина, затоа енергијата е постара од неа. Постојат 4 закони на создавањето. Првиот е дека изворот на сè е во непоимливата, црна честичка што умот не може да ја замисли ниту математички да ја измери, а во таа честичка се собира целиот универзум. Вториот закон е ширење на темнината, која е вистинска природа. Светлина од непоимливото и нејзино преобразување во светлина.. Третиот закон е потребата светлината да стане материја. Четвртиот закон гласи: нема почеток ниту крај, трите претходни закони отсекогаш траат и создавањето е вечно.
Во непријателството кон Теоријата на релативитетот одите до таму што на прославите на својот роденден држите предавања против нејзиниот творец.
Тесла: Запомнете, не е закривен просторот, туку човековиот ум, кој не може да ги сфати бесконечноста и вечноста! Ако тоа му е јасно на творецот на релативитетот, тој би стекнал бесмртност, дури и физичка ако сака. Јас дум дел од светлината, а таа е музика. Светлината ги исполнува моите шест сетила – јас ја гледам, ја слушам, ја чувствувам, ја мирисам, ја допирам и ја мислам. Мислењето кај мене е шестото сетило. Честичките на светлината се испишани ноти. Една молња може да биде цела соната. Илјада молњи се концерт. За тој концерт јас создадов тркалезни молњи што се слушаат на замрзнатите врвови на Хималаите. За Питагора и математиката, а научникот за тие двајца не смее да се излаже. Броевите и равенките се знаци со кои се обележува музичката сфера. Да ги слушнеше Ајнштајн нејзините звуци, не ќе ја создадеше Теоријата на релативитетот. Тоа се звуци со порака на умот дека животот има смисла, дека во вселената постои совршена хармонија и дека убавината е причина и последица на создавањето. Таа музика е вечно кружење околу ѕвездените неба. Најмалата ѕвезда е воедно и завршена композиција, дел од небесната симфонија. Отчукувањето на човечкото срце се дел од симфонијата на Земјата. Њутон откри дека тајната е во геометрискиот правилен распоред и движење на небесните тела. Тој откри дека хармонијата е врвен закон на вселената. Закривениот простор е на хаосот, а хаосот не е музика. Ајнштајн е гласник на времето на бучност и бес.
Господине Тесла, дали Вие ја слушате таа музика?
Тесла: Секогаш ја слушам. Моето духовно уво е големо како небото што го гледаме над нас. Своето физичко уво го зголемувам сам со Радар. Според теоријата на релативитетот, две паралелни линии ќе се сретнат во бесконечноста. Така од Ајнштајн се очекува кривата да стане права. Еднаш создаден звукот трае вечно. За човекот, тој може да исчезне, но продолжува да трае во тишината, која е неговата најголема моќ. Немам ништо против господинот Ајнштајн. Тој е љубезен човек и направи извесни добри нешта, од тоа нешто ќе стане дел од музиката. Јас ќе му пишам и ќе се обидам да му објаснам дека етерот постои и дека неговите честички ја држат вселената во хармонија, а животот во вечност.
Кажете ми, Ве молам, кои се условите на приспособување на еден ангел на Земјата?
Tесла: Јас имам десет од нив, запишете внимателно.
Ќе го запишам секој Ваш збор, почитуван господине Тесла.
Тесла: Првиот услов е висока свест за она за што сте испратени на Земјата и делото што треба да го завршите. Таа свест мора, макар и матно, да постои во најраната младост. Да не бидеме лажно скромни, дрвото знае дека е дрво, а грмушката покрај него – дека е грмушка. Како момче на 12 години бев сигурен дека ќе дојдам на Нијагарините водопади. За повеќето мои откритија уште од детството знаев дека ќе ги остварам, иако не сосема јасно. Вториот услов на приспособување е истрајноста. Сè што почнував го завршував.
Кој е третиот услов на приспособувањето, господине Тесла?
Тесла: Насочување на сите витални и духовни енергии на дело. Оттука и прочистување од многу нешта и потреби што ги има човекот. Јас со тоа ништо не сум изгубил, туку добив. Толку многу добив што им се радував на секој свој ден и ноќ. Запишете: Никола Тесла беше среќен човек… Четвртиот услов е приспособување на телесниот склоп на делото.
Како го замислувате тоа, господине Тесла?
Тесла: Најпрво, тоа е одржување на тој склоп. Човечкото тело е совршена машина. Јас го познавам својот склоп и она што е добро за него. Храната на многумина луѓе за мене е штетна и опасна. Поради тоа понекогаш си замислувам дека сите готвачи на светот се собрале против мене… Допрете ми ја раката.
Ладна е.
Tесла: Да. Крвотокот може да се управува, како и со многу процеси во нас и околу нас. Зашто побледевте, момче?
Постои приказна дека Марк Твен го напишал Таинствениот странец, онаа прекрасна книга за Сатаната, инспириран од Вас.
Tесла: Зборот Луцифер ми е подраг. Господинот Твен сака да се нашали. Во детството еднаш оздравев читајќи ги неговите книги. Кога тука се запознавме и му го раскажав тоа, беше толку трогнат што заплака. Станавме пријатели и често доаѓаше во мојата лабораторија. Еднаш ме замоли да му ја покажам машината што со помош на вибрации предизвикува блаженство. Беше тоа еден од оние изуми за забава, со кои понекогаш се занимавав. Го опоменав господинот Твен колку смее да остане под тие вибрации. Не ме послуша и остана подолго. Сè заврши со тоа што држејќи се за панталоните, како ракета истрча во извесна просторија. Тоа беше ѓаволски смешно, но јас ја сочував сериозноста. Да се вратиме на приспособувањето на телесниот склоп. Покрај храната, многу е важен и сонот. Од долгата и исцрпувачка работа, јас по еден час спиење сосема ќе се повратев. Стекнав способност да го управувам сонот, заспивам и се будам во часот што сам ќе го определам. Ако нешто во тоа што го работам не ми е јасно, се принудувам самиот себе да мислам на тоа во сон, и на тој начин ги наоѓам решенијата. Петтиот услов на приспособување е помнењето. Можеби кај голем дел луѓе мозокот е чувар на сознанијата за светот и знаењата што ги стекнува во животот. Но мојот мозок се занимава со поважни нешта од помнење, кај мене тој го лови тоа што во одреден миг му е неопходно. Тоа е околу нас и само треба да го земеме. Сè што еднаш сме го виделе, чуле, прочитале или дознале нè следи во вид на светлосна честичка. Мене тие честички ми се послушни и верни. Гетеовиот Фауст, мојата омилена книга, ја научив наизуст на германски како студент, и сега цела можам да ја рецитирам. Своите изуми со години ги носев во главата, а дури потоа ги остварував.
Често ја спомнувате моќта на визуализацијата.
Tесла: На неа можеби треба да ѝ заблагодарам за сè што сум направил. Случките од мојот живот и моите откритија пред моите очи се реални, видливи како секоја појава и предмет. Во младоста се плашев од тоа, не знаејќи што е тоа, но подоцна таа моќ ја прифатив како исклучителен подарок и богатство. Подарок што го негував и љубоморно го чував. Со визуализација на голем дел од изумите им извршував и поправки, преку неа решавам и комплицирани математички задачи без да пишувам бројки. На Тибет поради тој подарок би добил чин на лама. Мојот вид и слух се совршени и смеам тоа слободно да го кажам, посилни отколку кај другите луѓе. Слушам грмотевици на 150 илјади милји и гледам бои на небото што други не ги гледаат.
Во младоста бевте неколку пати тешко болен. Дали и болеста е еден од условите на приспособување?
Tесла: Да. Таа често е последица на недостаток или исцрпеност на животни сили, но често е и прочистување на духот и телото од отровите што се насобрале. Неопходно е човек да боледува од време на време. Изворот на голем дел од болестите е во духот. Како дете се разболев од колера, која беснееше во Лика. Се излечив со тоа што татко ми ми дозволи да запишам студии по техника, кои го претставуваа мојот живот. Предвидувањата за мене не се болест, туку способност на умот да продре надвор од трите димензии. Ги имав цел живот и ги прифаќав како и сите други појави. Еднаш во детството со вујко ми шетав покрај реката и реков: „Од водата ќе се појави пастрмка, јас ќе фрлам камен и со него ќе ја пресечам“. Тоа се случи. Уплашен и вџашен, вујко ми викна: „Баде ретро Сатанас!“ Беше учен човек и зборуваше латински… Се наоѓав во Париз кога ја видов смртта на мајка ми. Во небото полно со светлост и музика, лебдеа прекрасни битија. Едно од нив го имаше ликот на мајка ми, ме гледаше со бескрајна љубов. Бидејќи визијата исчезна, знаев дека мајка ми умрела.
Што е седмото приспособување?
Тесла: Знаењето како психичките и виталните енергии да се претворат во тоа што го сакаме и да постигнеме власт над своите емоции. Хиндуистите тоа го викаат јога кундалини. Овие знаења може да се научат со многу години или да се стекнат со раѓањето. Јас повеќето ги стекнав со раѓањето. Тие се во најблиска врска со полната енергија, која по светлината е најраспространета во вселената. Жената е најголем крадец на таа енергија, а со тоа и на духовните моќи.
А деветтото поглавие, господине Тесла?
Tесла: Да направиме сè за ниту еден ден, ниту еден миг да не заборавиме кои сме и зашто сме на Земјата. Исклучителни луѓе што во животот се мачат со болест, немаштија, или општеството премногу ги ранува со својата глупост и неразбирања, оставаат зад себе дело неостварено до крај. Има многу паднати ангели на Земјата.
Што е со десеттото приспособување?
Tесла: Тоа е најважно. Напишете дека Тесла си играл, си играл целиот живот и уживал во тоа.
Господине Тесла, дали тоа се однесува и на Вашите откритија и дела? И тоа ли е игра?
Tесла: Да. Јас сакав да си играм така. Со електрицитетот! Секогаш се ежам кога ќе слушнам за Гркот што го украл огнот. Грозна приказна за тоа како орлите му ги јадат дробовите. Зарем Зевс немал доволно молњи и громови, па бил оштетен за едно жарче? Тука има некое недоразбирање… Молњите се најдобрите играчки што може да се најдат. Не заборавајте во Вашиот текст да истакнете – Тесла беше првиот човек што ја создаде молњата.
Вие сте премногу пристрасен кон електрицитетот?
Tесла: Електрицитет сум и јас самиот. Или ако сакате, јас сум електрицитет во човечки облик. Тоа сте и Вие. Но за тоа не сте свесен.
Хотелскиот персонал зборува дека за време на грмотевици се затворате во соба и сам со себе разговарате.
Тесла: Разговарам со молњите и громовите.
Со нив? На кој јазик, господине Тесла?
Tесла: Најчесто на мојот мајчин јазик. Во него има зборови и звуци, особено во поезијата, кои се поволни за тоа.
Читателите на нашиот весник би Ви биле благодарни ако тоа го протолкувате.
Тесла:Звукот не постои само во громот, туку и во молњата, кај неа тој е претворен во сјај и во боја, а боите може да се слушаат. Јазикот е од зборови, што значи дека е од звуци и бои. Секој гром и молња се различни и имаат свои имиња на оние што ми се блиски во животот или се наречени по оние на кои им се восхитувам. Во небото грмат мојот брат Данило, мајка ми, сестра ми, поетот Змај и личности од српската историја, но и Леонардо, Бетовен, Изаија, Гоја, Пушкин…
Според Вас, науката и поезијата се исто?
Tесла: Тие се две очи на едно лице. Вилијам Блејк нè учеше дека целиот универзум е роден од фантазијата, дека таа го одржува и дека ќе постои на земјата сè додека постои еден единствен човек. Таа е творечка енергија рамна на светлината.
Фантазијата за Вас е постварна од животот?
Tесла: Таа раѓа нов живот. Јас се хранев со моите мисли, научив да ги управувам чувствата, со сништата и визиите. Отсекогаш ја негував како што го негував и својот занес. Цел свој живот го поминав во занес, тоа беше извор на мојата среќа. Тој ми помогна и во сите овие години да ја поднесам работата, која беше доволна за пет животи. Најдобро е да се работи ноќе, зашто ѕвездената светлина и мислите се во блиска релација.
Рековте дека и јас сум, како и секое суштество, светлина. Тоа ми ласка, но признавам, не ми е сосема јасно.
Tесла: Зошто би требало да Ви биде јасно? Доволно е да поверувате во тоа дека сè е светлината. И запомнете, ниту еден човек што постоел, не умрел. Претворен е во светлината и како таков постои и понатаму. Тајната е во тоа тие први светлосни честички да се вратат во првобитната состојба.
Тоа е воскреснување!
Tесла: Јас тоа поинаку го нарекувам, враќање во некоја од претходните енергии. Исус и уште некои ја знаеле таа тајна. Јас трагав по тоа како да се сочува човечката енергија. Таа е една од видовите светлина. И по тоа не трагав заради себе, туку заради доброто на сите. Верувам дека моите откритија ќе го направат човечкиот живот полесен и поподнослив, и ќе ги насочат на духовност и моралност. Постои една космичка болка. Кога некој мој близок и драг човек ќе се повредеше, јас чувствував физичка болка. Неразбирливата тага што некогаш ќе нè преплави значи дека некаде на некој друг крај од оваа планета умрело дете или добар човек. Целата вселена во извесни периоди е болна, од себе самата и од нас. Исчезнувањето на некоја ѕвезда или појава на некоја комета влијаат на нас повеќе отколку што претпоставуваме. Врската меѓу суштествата на Земјата е уште посилна, заради нашите чувства и мисли цветот поубаво ќе замириса. Тие вистини одново мора да ги учиме за да се излечиме. Лекот е во нашето срце, и исто така, во срцето на животното што го нарекуваме вселена.

Нема коментара:

Постави коментар