Кучето три дена да го храниш - три години ќе те памети, а човекот три години да го храниш - за три дена ќе заборави. |
Расата шарпланинец е автохтон расен тип на куче. Расата е создадена самостојно, природно и изворно без значително влијание на човекот. Тоа е и нејзината најголема предност и супериорност над останатите раси. Како претци на шарпланинецот се спомнуваат волкот и чакалот. Од некои извори се смета дека на нашиве простори е одомаќено во Х. век п.н.е. Најверојатни се претпоставките дека со миграциите дошол од Азија во Европа и на Балканскиот полуостров, заедно со преселба на номадските племиња. Во ФЦИ (светска кинолошка федерација) за прв пат е регистриран 1939 година под реден број 41. Планинските масиви со кои е опкружена Република Македонија (Шар Планина, Бистра, Стогово, Кораб и др.), со својата конфигурација на теренот, природните и климатските услови, генетски извонредно го стабилизираат шарпланинецот со што тој е во светскиот врв на генетски постојаните раси. Името шарпланинец го добил токму затоа, за да се распознае, одвои и разликува од другите раси. Меѓутоа, на тој спој помеѓу природата и шарпланинецот се вмешува човекот за да оствари употребни и екстериерни вредности на расата. Благодарејќи на човекот кој со својата негрижа и не внимание успева на шарпланинецот да му нанесе неправда и со него да манипулира на сите начини, па со децении го става во кинолошки заборав за да до пред некое време не се знае ни за неговото име. За прв пат за него се слуша во триесетите години од овој век. Сестраната употреба на шарпланинецот придонесе тој да се чува низ целиот свет. Разбирливо, најмногу се чува во Македонија (Тетово, Гостивар, Скопје, Прилеп, Битола) и Србија и Црна Гора. Во Европа најголем број на шарпланинци има во Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Финска, Италија и др.. Во светот исто така шарпланинецот се чува во Северна Америка, Канада и Австралија. Македонија е меѓу ретките држави во светот каде што кучето и човекот го носат во себе вековниот однос на дружба и соживот, а не на слугување и потчинетост. Шарпланинецот што оди со стадата овци не дозволува да го дресира овчарот. Тој учи од другите кучиња.
Општ изглед и некои карактеристики
Пес со силна конструкција, работна кондиција, мирен темперамент, добродушен, по потреба доста остар, складно граден со добра поврзаност на телото, со височина над средните раси. Приврзан кон господарот, неподмитлив и бестрашен чувар на стада и имоти, отпорен на сите климатски услови во природниот амбиент. Минималната долна граница на височина кај машките единки е 64 cm, кај женските единки 58 cm. Масатакај машките единки е најмалку 40 кг, а кај женските единки е најмалку 35 кг. Должината на трупот е во просек од 8 до 10 % поголема од висината. Забалото е потполно и во вид на ножици. Очите се со облик на бадем, темнокостенлива боја, погледот е смирен и бестрашен. Ушите се во облик на буквата V, соборени и прилепени со главата. Градниот кош е длабок, градите се широки и мускулести. Обемот на градниот кош треба да е најмалку 20% поголем од височината. Опашката е долга, најмалку треба да го допира скочниот зглоб. Во коренот е силна, а кон врвот постепено се намалува. Прекриена е со густо влакно, а на долниот дел со долго влакно што ја прави раскошна. Шепите се силни со припиени прсти, ноктите треба да се темно пигментирани. Одот треба да е грациозен, со долги и лесни чекори. Најмногу сака да оди во среднодолг висок кас. Во галоп трча со долги и одмерени скокови. Влакното му е грубо и право. Под влакното има пократко, фино и многу густо подвлакно. Должината на влакното на гребенот не смее да биде пократко од 9 см. Бојата се движи од светло медова до темно железна боја. Белата, црната и црвената многу ретко се сретнуваат во популацијата.
Н. Савевски
Нема коментара:
Постави коментар